Професорката на Универзитетот во Харвард, Клаудиа Голдин, е добитник на Нобеловата награда за економија за 2023 година поради нејзините истражувања во причините за родовите разлики на пазарот на трудот.
Според Нобеловиот комитет, Голдин е наградена поради нејзиниот сеопфатен труд за примањата на жените и нивното учество на пазарот на трудот низ вековите. Нејзиното истражување ги открива причините за промените, како и главните извори за родовиот јаз кој и понатаму постои.
„Жените се недоволно застапени во глобалниот пазар на труд, а и кога работат, тие имаат помали примања од мажите. Клаудиа Голдин истражуваше во архивите и собра податоци за САД кои се протегаат повеќе од 200 години, што овозможи да демонстрира како родовите разлики во примањата и нивото на вработеност се менувале со текот на времето“, соопштија од Нобеловиот комитет.
„Голдин покажа дека учеството на жените на пазарот на трудот нема нагорен тренд низ целиот овој период, туку има облик на буквата U. Учеството на мажените жени се намалувало со транзицијата од земјоделско кон индустриско општество на почетокот на 19-от век, но потоа повторно расте со појавата на услужниот сектор на почетокот на 20-от век. Голдин го објасни овој шаблон како резултат на структурната промена и еволуцијата на општествените норми поврзани со жените и нивата одговорност за домот и семејството. За време на 20-от век, нивото на образованието на жените постојано се подобруваше, а во најбогатите држави тоа ниво сега е значително повисоко од мажите. Голдин демонстрираше дека пристапот до оралната контрацепција играло значајна улога во забрзување на оваа револуционерна промена, преку овозможување на нови можности за кариерно планирање“, додаваат од Комитетот.
Голдин е родена во 1946 година, во Њујорк. Нејзините истражувања опфаќаат повеќе теми, од жените на пазарот на трудот, родовиот јаз во примањата, па се` до технолошките промени, образованието и имиграцијата. Најголем дел од нејзините трудови се обидуваат да ја интерпретираат сегашноста низ призмата на минатото и ги истражува причините за актуелните проблеми.
Повеќе за нејзините истражувања може да прочитате на следниов ЛИНК.
Ова беше последната Нобелова награда која се додели за оваа 2023 година. Претходно беа доделени наградите за медицина. физика, хемија, литература и мир.