„Почнавме да експериментираме во доменот на медиумската и информациска писменост. Пример, почнавме да соработуваме со јутјубери, со инфлуенсери, бидејќи увидовме дека нешто навистина тргна наопаку со таа сцена на инфлуенсерите. Инфлуенсерите беа во ‘војна’ и се напаѓаа меѓусебно, тие креираа содржини со говор на омраза и булинг. Во суштина, дистрибуираа култура за ширење лоши навики и никој, освен деца од 8 до 15 години, не ни знаеја за тоа. Бидејќи возрасните недоволно внимаваа што гледаат нивните деца. Затоа земавме група инфлуенсери и ги прашавме дали сакаат да направат етички кодекс, свој манифест? Но, тие сакаа рап песна за клик-бејт, направија и (интернет) драма. Овие продукти имаа над 4 милиони прегледи на ‘Јутјуб’ и поттикнаа големи реакции. Повлекоа огромна дискусија што беше појдовната точка каде ја покренавме свеста (за прашањата со говор на омраза, насилство, булинг н.з.)“.
Клаус Даман, програмски директор за Западен Балкан на Дојче Веле, чии програми се фокусираат на медиумска и информациска писменост во повеќе од 30 земји, посочува дека е важно да има заемно разбирање меѓу помладите и постарите генерации. Притоа, да се создаде генерациски пренос на знаења и вештини.
Тој на меѓународниот симпозиум „Да си го вратиме назад просторот за дигитални информации“, организиран од Институтот за комуникациски студии (ИКС) и ИРЕКС, напомена дека јутјуберите, инстаграмџиите, влогерите не треба да ги гледаме како дел од проблемот, туку како дел од решението.
„Ова се обидуваме да го направиме. Може не ги сфаќаме сериозно инфлуенсерите. Но, тие можат да решат проблеми. Исто така, тие си имаат свои проблеми. Менталното здравје е еден од нивните најголеми предизвици. Кога зборувате со нив, тие се нормални луѓе, интелигентни, сакаат да променат работи. И тие можат да ви помогнат во некои полиња, бидејќи се експерти во одредени сфери, можат да помогнат на традиционалните медиуми“, посочи тој.
Според искуствата од Дојче Веле, инфлуенсери со свои вештини можат да станат тренери за медиумска и информациска писменост.
„Пример, двапати реализираме ‘Јутјуб училиште’ за млади луѓе. Еден од централните делови се фокусираше на медиумските ефекти, говорот на омраза, менталното здравје, како да се реагира на сајбер-булинг и сл. Исто така, направивме тренинг за наставници, каде инфлуенсерите ги учеа наставниците за тоа што се случува на социјалните медиуми. Како да реагираат, на кој начин да дискутираат со своите ученици за овие предизвици. Така да, тие се дел од солуцијата“, посочи Даман.
Академијата за новинарство и медиуми Дојче Веле во 2017 започна програма „Младински медиуми“. Се фокусирале на две нешта: младите да го кренат својот глас и да се изјаснат за општествените проблеми, а од друга страна, да помогнат на медиумите да креираат содржини за млада публика.
„Видовме дека на медиумите единствениот проблем не им се само парите, туку фактот што им недостасува млада публика. Односно, младата публика не ги следи традиционалните медиуми, кои имаат потреба од осовременување. Ќе видите дека најуспешните медиуми, односно креатори на медиумски содржини се всушност оние кои ги исползуваат младите луѓе. Не само што користат совети од младите, туку и заеднички креираат содржини. Значи, од млади луѓе за млади луѓе“, вели тој.
За медиумскиот експерт е јасно дека ако сакаме да зборуваме за медиумска и информациска писменост, нужно е акцентот да биде ставен и на возрасната генерација. Дури и на бабите и дедовците. Бидејќи, вели тој, денес тие почесто веруваат во лажните вести отколку учениците.
„Јас имам седумгодишен син и тој многу зборува што му кажувале другите деца. Тој разликува што е лажно, а што вистина. И, разговaрам со него за овие теми. ‘Зошто некои млади луѓе не ја кажуваат вистината, зошто шират лажни вести за себе или околината?’ Тука почнува целата работа. И, ќе видите дека младите луѓе, дури во училиштата веќе имаат развиено свест за она што е исправно, а што е погрешно. Поставуваат прашања“, посочува Даман.
Според него, од една страна кога се работи со медиуми – јавни сервиси, приватни, локални медиуми, а од друга со невладини организации и млади луѓе што креираат содржини, ќе откриете две страни што недоволно комуницираат. А, двете страни можат да учат едни од други.
„Денес, имате часови за медиумска и информациска писменост, каде млади знаат многу повеќе за медиумска и информациска писменост, повеќе за ‘алгоритмите’ од нивните професорите, а, професорите се тие што треба да ги обучуваат младите. Затоа медиумската и информациската писменост е нешто каде двете страни мораат да комуницираат. Треба заемно учење“, нагласува Даман.
Постојат денес конференции за медиумска и информациска писменост, вели Даман, каде „старците“ како него држат говори и предавања, а младите седат во публика. Но, треба да се мисли и на обратното.
„Исто така, на многу од ваквите настани се зборува за критичко размислување. Бидејќи, критичкото размислување е поважно од фактите за ‘алгоритмите’ и сл. Но, не станува збор само за критичко размислување, туку и за критично гласно говорење. Треба навистина да тежнееме кон активни граѓани. Пример, Германија по Втората светска војна многу се фокусираше граѓаните да станат критички настроени и како да го изразат своето мислење, како да се борат против неправди, лошо владеење, па на 18-годишна возраст да бидат активни и свесни до степен што ќе одлучуваат да гласаат. А, сега, ако ја погледнете статистиката на бројот на млади луѓе, оние што прв пат гласаат, колкумина гласале во вашата земја? Тоа е јасен показател колку се тие заинтересирани, но и способни да направат одлука“, нагласи Даман.
Според него, тоа е насоката каде треба да се движи едно општество. Да се запрашаме дали културата, дали едукативниот систем, дали нашите вредности поддржуваат критичко размислување во јавноста, домовите и училиштата?
„Дали како родители да толерираме децата да се сомневаат во нас? Тие велат ‘тато, ти не ја кажуваш вистината. Ти зборуваш глупости!“. Ова ни дава можност (за себерефлексија), да се запрашаме самите ‘да, можеби не ја кажав целата вистина?’. После оваа сесија, би сакал некој да дојде и да ми рече ‘Клаус, зборуваш глупости“. Тогаш можеме да дискутираме“, констатираше претставникот на Академијата Дојче Веле.
Бојан Шашевски