Сакаме интегрирање во ЕУ, но некако ни бегаат основните принципи. Често кога зборуваме за тоа дека треба да одиме во чекор со глобализацијата, дедуктивниот начин во културата исчезнува. Мултукултурното општество е само начин кој мноштво поединци сакаат да го искористат за свои цели и затоа имплементирањето како емпириски фактор е фрлено во нечистотиите на реката Пена. Тоа едноставно не постои! Кога некој ќе погледне колку народ се движи во Тетово ќе се подзамисли зошто овој град има толку малку културни и уметнички збиднувања? Европски мали градови кои имаат многу повеќе културни манифестации, а во нив живее двојно помалку народ отколку во Тетово. По се изгледа дека кај нас само се таложи народ, а се друго избледува.
Пред само неколку години имавме вест која крена голема еуфорија – за донирани полуконцертни клавири по културните домови во неколку градови низ Македонија од страна на големиот уметник и пијанист Симон Трпчевски. Тоа беше вистински чекор за да можеме да продолжиме понатаму да го градиме системот на уметноста на повисоко ниво. Полуконцертниот клавир кој го донираше Трпчевски е во Домот на Културата во Тетово – позади бина, затворен, собира прашина и плаче за некој да му посвети внимание. Јас нема да зборувам за таа информација бидејќи не посветив внимание на тоа да истражувам. Не е важно тоа, важно е дека тој полуконцертен клавир не се користи апсолутно за никакви цели. Често уметниците кои сакаат да направат некаков концерт, немаат пари да ја платат салата или често се слуша тоа како се вели “кому ќе свирам, нема никој да дојде”. Постојат уметници кои сакаат да организираат музички фестивал, но и за тоа никој не им излегува во пресрет. По се изгледа најдобро ќе биде Домот на културата да го донира тој клавир во невладиниот сектор, каде ќе биде конечно ослободен. Замислете како тој се чувствува:
“Ме фрлија во бездна. Како мајка на моите пијанина ме одделија од мојата родна земја и ме одведоа во затвор на општество каде културата наликува на мртва точка. Ме фрлија во неповрат каде се е важно освен моето право да се изразам слободно во едно општество. Јас сум навистина во затвор и молам некој да ме ослободи.”
Во една одаја, во еден мрачен ќош, позади големата, неправилно искористена бина, се моли некој да му се обратиме барем на половина час. Тој е позади решетки, со катанец, а многу уметници не можат да го ослободат. Тие забораваат велејќи “Немаме пари да ја платиме салата”, “нема да свириме – за кого?” Или пак “Ќе направиме концерт на друго место”. И така, полуконцертниот клавир старее, се збрчкува и на крајот ќе умре сам и осамен без никој да му посвети внимание.
М – р Глигор Кондовски