Климатски активисти зазедоа дел од пистата на меѓународниот аеродром во Женева, поради што авиосообраќајот на кратко мораше да биде запрен, соопштија од аеродромот, пренесува Н1.
„Поради влез на луѓе на пистата, сообраќајот веднаш беше прекинат на аеродромот во Женева“, се наведува на Твитер, додавајќи дека неколку минути подоцна „постапно продолжи, почнувајќи од 12:40 часот“.
Активистите ја прекинаа и изложбата на деловни авиони, која се одржа недалеку од пистата.
Стотина активисти од бројни климатски групи од десетици земји го прекинаа најголемиот европски приватен салон за авиони во Женева, барајќи забрана на приватните авиони, се вели во соопштението на Гринпис.
На фотографиите објавени на Твитер се гледаат активистите кои раширија транспаренти додека седат покрај авионот и го спречуваат влегувањето во кабината.
Демонстрантите поставија налепници на авионите кои потсетуваат на предупредувачки пораки од кутиите за цигари за да „ги означат како токсични предмети“, со слогани како „приватните авиони ја уништуваат нашата иднина“, „ја убиваат нашата планета“ и „поттикнуваат нееднаквост“, се додава во соопштението.