Климатските активисти се зачудени од одлуката на Египет да прифати Кока-Кола, која е огромен произведувач на пластика, да биде спонзор на овогодишните Глобални климатски разговори – КОП27.
Активистите кои зборувале со Би-Би-Си сметаат дека ваквиот спонзорски договор ги обезвреднува разговорите, бидејќи најголемиот дел од пластиката се произведува од фосилни горива.
Овогодишниот КОП27 Климатски самит на Обединетите Нации ќе биде организиран од Владата на Египет и ќе се одржува во Шарм Ел-Шеик во ноември. Организаторите веќе најавија дека минатата недела потпишале договор за спонзoрство.
На потпишувањето на договорот, заменик-претседателот на Кока-Кола, Мајкл Гоцман изјави дека „низ партнерството со КОП27, системот на Кока-Кола сака да ги поддржи колективните активности против климатските промени“.
Но, последниве денови растеше противењето на ваквиот спонзорски договор. Климатските активисти ја обвинуваат компанијата за „еко-перење од одговорност“ и повеќе од 9.000 луѓе потпишаа петиција со која бараат овој договор да се поништи.
„Акцијата од претседателството на КОП27 е во целосна спротивставеност со целта на конференцијата“, вели Мохамад Ахмади, од еко-организацијата „Земјата во бунт“.
Кока-Кола во 2019 година призна дека користи три милиони тони пластична амбалажа годишно.
Пластиката е огромен извор на загадување, а нејзиното производство придонесува за глобалното затоплување. Во моментов 99% од пластиката низ светот се произведува од фосилни горива, преку процес наречен „крекинг“, кој продуцира емисии на стакленички гасови и е двигател на климатските промени.
Во 2021 година, во анализа на организацијата „Ослободување од пластиката“, Кока-Кола беше наведена како најголем светски загадувач со пластика.
Минатата година, кога климатскиот самит се одржуваше во Велика Британија, тамошните Власти забранија компаниите за фосилни горива да бидат спонзори на настанот.