Климатските промени може да принудат 216 милиони луѓе во шест региони во светот да бараат ново место за живеење во нивните земји, а последиците ќе се почувствуваат и во Источна Европа, се вели во студијата на Светска банка, пренесува „Индекс“.
Долгорочното влијание на климатските промени врз достапноста на вода и продуктивноста во земјоделството и зголемувањето на нивото на морето се посериозно ќе претставуваат закана за здравјето на луѓето и нивната способност да заработат за живот во наредните децении, покажа вториот дел од извештајот Гроундсвел објавен вчера.
Првиот дел беше објавен во 2018 година и ги опфаќаше регионите на субсахарска Африка, Јужна Азија и Латинска Америка, а вториот го прошири опфатот на Источна и Централна Азија и Пацификот, Северна Африка и Источна Европа.
Авторите утврдиле дека „внатрешните миграции поттикнати од климатските промени во следните три децении“ може да ескалираат и најтешко да ги погодат „најсиромашните и најзагрозните подрчја“ и нивниот развој.
Најмасовните внатрешни миграции до 2050 година би требало да ги забележи субсахарска Африка, со прогнозирани околу 86 милиони мигранти, а потоа следуваат Источна Азија и Пацификот со 49 милиони и Јужна Азија со 40 милиони.
Во Источна Европа и Централна Азија, се наведува дека ново место за живот во својата земја би барале пет милиони луѓе.