Климатските промени влијаат на 85% од светското население

Ефектите од климатските промени веќе можеби влијаат на 85% од светското население, според анализата на речиси 100.000 студии, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Тим научници проучувале речиси 100.000 студии објавени меѓу 1951 и 2018 година, кои ги покажуваат ефектите од затоплувањето.

„Имаме многу докази дека климатските промени делуваат на сите континенти, во сите системи“, рече авторот на студијата Макс Калаган.

Калаган и истражувачи од берлинскиот Истражувачки институт Меркатор изработија карта на светот и влијанијата на климатските промени. Тие покажале дека 80% од Земјата, каде живее 85% од светската популација, областа опфатена со студиите, е под влијание на температурните промени и врнежите поврзани со затоплувањето.

Тој посочува дека истражувањата несразмерно документираат влијанија врз богатите земји, додека има значително помалку документирани влијанија врз сиромашните земји.

„Промените на температурите и врнежите во Африка може да се поврзат со климатските промени, но немаме многу студии што ги документираат последиците од овие трендови“, објасни тој.

Бројот на студии за климатските промени се зголеми експоненцијално во последните години, при што беа објавени 1.500 студии меѓу 1951 и 1990 година, во споредба со 75.000 до 85.000 студии во последните пет години.