Во првиот ден од јануари просечен жител на САД веќе создал повеќе јаглероден диоксид од тоа што жител на Демократската Република Конго го создава за цела година, покажува анализа на британскиот Центар за глобален развој (ЦГР).
Студијата која ја посочува големата енергетска нееднаквост меѓу богатите и сиромашните држави открива дека просечен граѓанин на САД произведува 585 пати повеќе климатски емисии од просечниот Конгоанец, додека во Британија оваа пропорција е 200 пати поголема.
Анализата покажува дека до крајот на јануари јаглеродните емисии на жителите на Американците и Британците ќе ги надминат годишните емисии на 30 држави во светот со ниски или средни примања.
Јуан Ричи, аналитичар во ЦГР Европа, вели дека неговата студија го покажува „климатското лицемерие“ на западните држави кои се имаат обврзано да престанат да ги финансираат проектите со фосилно гориво во земјите во развој.
„Нашата анализа покажува дека за само неколку денови просечен жител на Велика Британија произведува повеќе климатски емисии од она што луѓето во најголем дел од сиромашните земји го создаваат за цела година. Ќе биде сурова иронија доколку државите кои најмалку придонесуваат за овој проблем да не можат да имаат пристап до енергетска инфраструктура“, вели тој.
Неколку држави заедно со финансиските институции потпишаа декларација за да се стави крај на поддршката за меѓународни проекти со фосилни горива, додека истите тие држави-потписнички ќе можат да продолжат да користат фосилни горива во своите држави. САД има најмалку 24 идни проекти со фосилно гориво кои ќе придонесат за повеќе од 1,6 гигатони нови јаглеродни емисии, додека Велика Британија дава дозволи за нови рафинерии за нафта и природен гас во Северното Море.
Анализата на ЦГР користи податоци од Светската Банка за јаглеродни емисии по глава на жител на секоја земја и на тој начин пресметуваат период во годината кога американските и британските жители ги надминуваат жителите на посиромашните држави.