Еден сребрен и два бронзени медали освоија македонските ученици на 26-тата Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2014), која се одржа во Тајпеј, од 13 до 20 јули . Климент Серафимов беше дел од средношколската четворка која го донесе овој историски успех за земјава. Тој се враќа со бронза од Тајпеј, а од Азија преку Фејсбук, за Радио МОФ раскажува за впечатоците од Олимпијадата, за успесите и за „зависноста“ од информатиката.
Еден сребрен и два бронзени медали – тоа е голем успех за македонскиот тим. Како се чувствувате, дали овие награди беа очекувани?
Се чувствуваме како победници. Ова е најголем успех за македонската репрезентација и многу сме задоволни од тоа што постигнавме. Успехов беше очекуван заради тоа што јас, Бојан Серафимов и Васил Кузевски сме претставници на интернационалните олимпијади по информатика веќе 3 години по ред и имавме стекнато доволно искуство за натпреваров.
Сигурно е потребно многу време за да се подготвите за Олимпијадата, како течеа подготовките?
Спремањето за Интернационалните олимпијади беше долг процес кој траеше 3 години до сега и за мене ќе продолжи до следната година. Незнам за другите натпреварувачи, но за мене покрај обврските околу дружењето, излегувањето по кафулиња и дискотеки, женски итн., информатиката ми беше секојдневна окупација и програмирав во слободно време. Меѓутоа, најинтензивните спремања се случуваа една до две недели пред олимпијадите со просечно поминување по 7-8 часа дневно во програмирање или учење/дискутирање нови концепти и на крај опуштање на добра журка во некоја од локаните дискотеки.
Какви се вашите искуства од Тајпеј, од организацијата, од дружбата со останатите учесници? Имвте ли поддршка, бидејќи не е лесно да се стигне до Тајван?
Организацијата во Тајпеј беше беспрекорна, се беше на минута и под конец. Азијците стварно ги исполнија, па дури и надминаа сите очекувања што ги имавме. Многу добро се зближивме со останатите учесници, пред се балканските тимови од Србија, Босна, Хрватска, Словенија и Романија, а потоа одлична дружба беа и тимовите од Ирска, Израел, Мексико, Шпанија, Обединетото Кралство, Сирија, Египет, Литванија и уште неколку на кои неможам да се сетам моментално. На секој тим беше назначен по еден водич. Водичите беа забавни меѓутоа имаа многу различен менталитет од натпреварувачите и навистина беше тешко на почетокот да се зближат двата света, меѓутоа при крајот од натпреварувачките денови успеавме да ги опуштиме водичите и водичките и имавме „Македонско – организирана балкански вид“ на собиранка на која учествуваа членови од горенаведените тимови. Убедливо, македонскиот тим беше еден од најдружељубивите тимови на натпреварот.
Морам да го спомнам лидерот на македонската репрезентација – Миле Јованов и заменикот Емил Станков за добро организираниот селекционен процес и серијата спремања кои ни ги организираа на факултетот ФИНКИ и за целиот нивни ангажман околу олимпијадата. Картите беа покриени делумно од наша страна, а делумно од неколку спонзори меѓу кои беа: компанијата Нордеус, Здружението на Информатичари на Македонија и факултетот ФИНКИ.
Средното образование го продолжуваш во Италија? Зошто Италија, како се случи овој избор?
Да, во Италија учев минатата година и ќе продолжам годинава во четврта година средно. Прва година средно завршив во Јахја Кемал, а втора година во Максимилијан Берлитз во Скопје. Минатата година аплицирав и добив стипендија да учам во едно од најелитните среди школи во светот – Светскиот Обединет Колеџ на Адриатикот кој е дел од Светските Обединети Колеџи кои моментално се 17 низ светот. Таму учам по програма со која полагам интернационална матура на крај на четврта година (истото е понудено како опција во Јоси Броз Тито за трета и четврта година).
Што би им препорачал на твоите врсници кои се подготвуваат за вакви натпревари?
За секој кој сака да почне со програмирање е многу е важно да биде со вистинските луѓе, другари кои ќе му бидат сопатници во науката и што ќе го мотивираат за успех. Ова го кажувам од лично искуство заради тоа што не верувам дека ќе успеев да стигнам на ова ниво ако ги немав членовите на македонската репрезентација, Бојан Серафимов, Васил Кузевски и Филип Беџовски, како и многу други паметни и просперативни млади луѓе за добри другари. Тоа е заради што времето поминато учејќи информатика и програмирање не беше само академско надградување, туку и социјално дружење заради што имав луѓе околу мене што ме поддржуваа во тоа што го работам и ме почитуваа за тоа што го правам. Ова чувство е двонасочно, односно академско – социјалната врска што ја имав со другарите беше во корист од двете страни. Горенаведеново, проследено со редовна работа и љубов за информатиката е одличен почекот за било кој што сака да почне со натпреварите.