Клубот за младински прашања и политики во Собранието треба да прерасне во формална комисија која ќе може поефикасно и поактивно да ги застапува младите и нивните политики во законодавниот дом. Ова е заклучокот од дебатата во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) на која учествуваа повеќе младински организации и дел од младите пратеници од повеќе политички партии.
На настанот беше презентиран Документот за идно дејствување на Клубот млади пратеници кој е изготвен од страна на ИДУЕП и Фондацијата „Фридрих Науман“ со кој се предлагаат конкретни активности и мерки кои ќе водат кон подигнување на младинскиот стандард во земјата.
Бојан Кордалов, претседател на ИДУЕП и еден од авторите на Документот нагласи дека една од клучните препораки во студијата е токму Клубот да прерасне во формално тело.
„Овој документ е заедничка основа и појдовна точка како да се менуваат работите во интерес на младите луѓе. Клубот на млади пратеници е пример како може во креирањето политики да се вклучат и граѓански организации, но првенствено е пример за тоа како пратенички и пратеници од различни партии се обединети во однос на младински прашања и подобар стандард за млади. Нагласувам дека овој документ не е само наш производ, туку на десетици граѓански младински организации, но и политичари кои учествуваа во процесот преку одговори на формален прашалник и преку серија јавни настани од кои произлегоа доста иницијативи. Верувам дека ваквите работи ќе придонесат кон промена на работите на подобро, а би сакал да истакнам и дека текстот на документот го гледаме само како основа на која ќе се градат активностите на Клубот, но и активностите на јавните институции на локално и централно ниво насочени кон и за младите“, изјави Кордалов.
Ко-авторот на Документот, Тоше Зафиров посочи дека недостасува директна вклученост на младите во креирањето на политики и предупреди од последиците на иселување на младите врз иднината на државата.
„Последниот попис покажа фрапантни бројки кои носат загрижувачки трендови. На пример, само 18% од вкупната популација во државата се млади и речиси не се активни во креирањето политики кои ги засегаат. Исто така споредбено, од вкупниот број регистрирани на возраст од 0 до 9 години во 2002, во 2022 недостасуваат околу 34%, односно се иселиле, а токму оваа категорија на млади се клучните носители на општествената трансформација. Постојано зборуваме за стратегии и имплементација, но многу малку се спроведува во пракса. Младите во креирањето политики често се вклучуваат проформа, како декор, но не и во донесувањето одлуки. Мора посериозно да се запрашаме како во денешно младите да бидат едни од одлучувачите и носители на промени во државата. Од овој аспект младите пратеници доста би можеле да помогнат со пренос на пораки низ институциите, преку поттикнување законски промени и користење на постоечките механизми на локално ниво. И уште поважно за ова да биде ефикасно, ни останува да ги бараме младите таму каде што се, а не тие да доаѓаат кај нас“, аргументираше Зафиров.
Координаторката на Клубот и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова смета дека овој документ е добра основа за тоа како да се делува понатаму во рамките на овој, како и на следниот парламентарен состав.
„Овие предлози се јасни параметри за тоа како понатаму. Се надевам дека овој состав на Клубот на млади пратеници во кој сега имаме десетина претставници од различни партии, ќе прерасне во формална собраниска комисија за млади. Препораките од овој документ на ИДУЕП и ФНФ се добра основа и ќе ги искористиме како аргументација зошто е тоа потребно. Особено е добро што препораките доаѓаат директно од младите и ги отсликуваат нивните реални потреби и се добра основа да се направи промена“, изјави пратеничката Зајкова.
Стефани Спировска, проектна менаџерка во Вестминстер фондацијата ги пофали младинските организации за нивните активности и им порача да продолжат да бидат упорни во барањата за спроведување на нивните иницијативи. Според неа документот на ИДУЕП и ФНФ ги отсликува потребите на младите, но уште поважно е што на некој начин сумира која институција за што е одговорна и што треба да прави во однос на младинските политики.
Документот со препораки на ИДУЕП е дел од шестмесечен консултативен процес во кој беа вклучени различни граѓански организации кои застапуваат и работат со млади, а започна со организирање на јавниот настан на тема „Како до подобар младински стандард во 2023 година?“ кој во текот на месец декември 2022 година се организира во директна соработка со Клубот за младински политики при Собранието.
Публикацијата е достапна на следниов ЛИНК.