Неформален разговор со македонските автор(к)и Лидија Димковска, Калиа Димитрова и Стефан Алијевиќ, кои оваа и минатата година го добија книжевното признание „Штефица Цвек“ ќе се одржи во петок, 1 ноември, со почеток во 19 часот во центарот „Комитет“ во Скопје. Ана Аврамовска, писателката која исто така беше меѓу наградените, ќе има видео обраќање.
„Овој настан е посветен и на сите автор(к)и кои влегоа во поширокиот круг на признанието, и тие исто така срдечно се поканети да се приклучат на разговорот. Целта на регионалниот книжевен избор ‘Штефица Цвек’ е афирмација на бунтовните писателски и читателски практики, односно на феминистичките, квир, деколонијални, марксистички и еколошки ангажирани перспективи. Признанието се доделува трета година по ред, а во изборот влегуваат авторки и автори од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска“, се вели во соопштението.
На настанот локалниот организациски тим ќе ја претстави идејата зад наградата и процесот и критериумите за селекција на книгите, информираат.
„Освен дискусија на четирите наградени дела од Македонија, ќе се разговара и за сфаќањето на ангажираната книжевност, релациите на македонската книжевна сцена со регионот, преобмислувањето на книжевните ритуали, процеси и канони и така натаму“, додаваат оттаму.
Книжевниот избор „Штефица Цвек“ оваа година го имплементираа организациите „Naratorium“ од Босна и Херцеговина, „Pobunjene Citateljke“ од Србија, „Kulturtreger/Booksa“ од Хрватска и Коалиција „Маргини“ од Македонија.