Вечерва (25 октомври) во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“ во Градска Библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, ќе се одржи Книжевен портрет на поетот, есеист, преведувач и препејувач Ерол Туфан.
За творештвото на Туфан ќе говори поетесата и издавач Јулијана Величковска, модератор на настанот ќе биде Александра Јуруковска.
„Ерол Туфан е роден е во Гостивар, Македонија, а живее и работи во Истанбул, Турција. Неговото творештво е меѓу овие две оски, секогаш меѓу двете култури, меѓу двата јазика, меѓу два града, меѓу Вардар и Босфор. Туфан, освен автор, е и посветен читател, искрен вљубеник во убавото. За него поезијата е врвна уметност, врвен облик на човековата креација. Тој ја пишува, но исто толку посветено и ја чита, преведува, препејува, памети. Поезијата е присутна и во неговите есеизирани текстови, во кои многу често се осврнува на најголемите умови од областа на филозофијата, ликовната уметност, музиката и литературата. Пишува на македонски, турски и српски јазик. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Удружење књижевника Србије и Вакуфот на турските писатели“, посочуваат од Библиотеката „Браќа Миладиновци“.
* * *
Ерол Туфан студирал право во Скопје на УКИМ и во Коња на Селчук Универзитетот. Од 1999 е самостоен адвокат во Истанбул. Во 2006 година во Скопје ја објавил книгата есеи „Книгољубецот“ која доживува второ издание во 2011 година. Истата е објавена под ист наслов и во Белград во 2017 година. Поетските книги „Балкански син“ (2013) и „Камчето од Вардар“ (2016) објавени се во Скопје, додека пак нивната синтеза под наслов „Ерол трагом Ерола“ е објавена во 2016 во Белград. Во 2020 во Скопје објавил книга есеизирани поетизации насловени „Несоници“.