„Транскултурни разногласија: Избрани критики и есеи“ е новата книга на професорката и книжевна критичарка Анастасија Ѓурчинова. Таа ќе биде промовирана утре (среда) во 12 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.
Се работи за критичко-есеистичко дело со текстови чија проблематиката е поврзана со книжевната рецепција и интерпретација, традуктологијата, идентитетот, егзилот, границите и слично, а авторкта ги пишувала последниве десетина години.
За книгата ќе говори професорката Лидија Капушевска-Дракулевска, а модератор на промоцијата ќе биде Александра Јуруковска.
„Авторката е особено насочена кон истражување на споредбени релации, главно во однос на македонско-италијанските книжевни врски, кои ги разгледува низ призма на меѓусебното преведување, афирмација и попродлабочено книжевно разбирање. Овој широк дијапазон на интереси навистина резултира со впечатокот за полихромија или разнобојност на тематски и методолошки план, бидејќи авторката на овие есеи и критики со леснотија се движи низ книжевните меридијани, поткрепена со актуелните сознанија на компаратистиката, културологијата и книжевната херменевтика“, пишува Лорета Георгиевска-Јаковлева.
Ѓурчинова е есеистка и преведувачка. Работи како професорка на Катедрата за италијански јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, УКИМ – Скопје. Нејзини полиња на интерес се италијанистиката, компаратистиката, преведувачките студии и интеркултурните студии. Авторка е на книгите: Калвино и сказната, 2000; Италијанската книжевност во Македонија, 2001; Прличев и Ариосто или за смеата и меланхолијата, 2002; Контексти: студии на споредбени теми, 2006; Италијанската книжевност од XIII до XVI век (коавтор), 2007 [2011]; Медитерански синестезии: избрани студии и есеи, 2013.
Двапати ја добила наградата „Златно перо“, доделена од Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија, како и Националната награда за преведувачки опус и афирмација на италијанската литература во странство, доделена од Министерството за култура на Република Италија.