Во 2012 е зголемена видливоста на сексуалните малцинства, но наместо со поголема свест за сексуалните и здравствените права, таа резултира со зголемување на видливоста на дискриминацијата, говорот на омраза и насилството врз сексуалните малцинства, кое останува неказнето.
Ова се дел од заклучоците во последниот годишен извештај за состојбата со сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници во Македонија, на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.
Според Коалицијата, состојбата со сексуалните и здравствени права на LGBTIQ луѓето во Македонија, продолжува значително да се влошува.
„LGBTIQ луѓето беа изложени на најразлични повреди на нивните човекови права: на физичко, психолошко и семејно насилство, на говор на омраза и дискриминација, на социјално исклучување, на медиумско негативно стереотипизирање, патологизирање… Со ретки исклучоци, државните институции или не преземаа активни мерки за заштита на LGBTIQ луѓето, или пак преземаа мерки кои беа дискриминирачки“, рече Славчо Димитров, активист во Коалицијата на денешната прес конференција.
Според него, говорот на омраза насочен кон ЛГБТИ лицата кој се промовира од одредени новинари но и од страна на дел од функционерите на власта, резултираат со физички напади и закани врз ЛГБТИ активистите.
Izjava na Slavco Dimitrov od Koalicijata Seksualni i zdravstveni prava na marginaliziranite zaednici by Radio Mof on Mixcloud
Како загрижувачки тренд во 2012 година е посочено и објавувањето на ТВ-прилози и колумни во дневни весници во кои се патологизира хомосексуaлноста, „истополовите бракови“ и децата посвоени од „истополови двојки“.
„Уште позагрижувачки тренд е напливот на говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет на социјалните мрежи (и во коментарите на електронските изданија), како и поттикнување на најгрубо насилство, кое останува игнорирано од страна на обвинителството и полицијата“, се вели во извештајот.
Ирена Цветковиќ од оваа коалиција истакна дека во Македонија продолжува дискриминацијата и врз лицата кои се лекуваат од зависност од дроги.
„Главен проблем кој значително влијае врз квалитетот на здравствената заштита за зависниците од дроги е малиот број на центри за лекување на зависности – недоволен да ги опфати сите кои сакаат да се лекуваат“, додаде Цветковиќ.
Izjava na Irena Cvetkovik- Koalicija Seksualni i zdravstveni prava na marginaliziranite zaednici by Radio Mof on Mixcloud
Жарко Трајановски од коалицијата вели дека голем проблем е и недостатокот на лекови за лицата кои живеат со ХИВ, што сериозно влијае врз нивното здравје.
Izjava na Zarko Trajanovski – Koalicija Seksualni i zdravstveni prava na marginaliziranite zaednici by Radio Mof on Mixcloud
Во извештајот се потенцира и дека надлежните институции ги игнорираат анти-дискриминаторските препораки, особено препораката за законско признавање на сексуалната ориентација како дискриминаторска основа во Законот за спречување и заштита од дискриминација.
К.О.