„Кобра“ на Игор Иванов-Изи го отвора седмото издание на филмскиот фестивал „Ода“ во Тетово

Со проекцијата на документарниот филм „Кобра“ од Игор Иванов – Изи, посветен на животот на борачот во слободен стил Шабан Трстена во понеделник (1 октомври) во Тетово ќе биде отворено седмото издание на Меѓународниот филмски фестивал – Ода.

Oваа година фестивалот ќе понуди шест програми за да ја опфати публиката од најмали до најголеми. Програмата во текот на шесте фестивалски денови вклучува работилници со познати филмски работници од земјава и странство, детска програма што ќе опфати наградувани анимирани филмови на Берлинале, кратки докумантарни, анимирани и сф филмови, додека кај долгометражните ќе биде застапена програмата Сине Балкан Панорама, Сине Европа и Сине ретро.

„Овогодинешното издание на фестивалот е меѓу најквалитетните досега, бидејќи само за програмата на кратки филмови ние добивме над 3.800 апликации при што морам да кажам дека не изостана ниту една европска земја. За оваа таканаречена Вин програма, одбравме 85 филмови така што гледачите ќе имаат можност да погледнат различни култури и различни вредности. Сите активности, работилници и проекции на филмови ќе се одржуваат во Центарот за култура „Иљо Антески Смок“ во Тетово, додека проекциите на ретро филмовите заради амбиентот ќе се одржат во комплексот Арабати Баба Теќе, вели директорот Селмани.

Во рамките на програмата за балкански филм во вторник ќе биде прикажан филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставревски.