Во петок (9 јуни) во Културно-информативниот центар во Скопје ќе биде отворена изложбата на слики и објекти од Андреј Марјановиќ насловена „Коцкоглави“.
Изложбата e инспирирана од урбаната средина, од стрит-арт културата и нејзиниот израз и стил: боени скулптури од дрвени греди и слики на платно. Како своевидни стрит-арт тотеми, скулптурите на „коцкоглавите“ се ликови кои секојдневно се сретнуваат во градот и популарната култура: скејтер, цртач на графити, хакер, тапанар, панкер/панкерка, полицаец, политичар, баба, дедо, сомнителен лик… Спојот на дводимензионални цртежи врз тродимензионалната површина создава живи и препознатливи карактери што целосно го исполнуваат својот блок/коцка од просторот, секој на својот „ментално ограничен“ начин. Сликите, пак, се налик на стрит-арт мурали инспирирани од урбаната средина, кои се занимаваат со поголеми композиции од места во градот каде може да се сретнат ликовите на „коцкоглавите“.
„Ова се слики, сцени и карактери од секојдневието, кои се трудам да бидат своевиден портрет на општеството во кое живееме – аналогно на сликите на Питер Бројгел, Хиеронимус Бош и Џејмс Ензор, кои си играат со гротеската, нудејќи критика на животот и луѓето од сопственото време. Се разбира, стилски се разликуваат, бидејќи јас сум растен со видео игри, стрип, анимација, графити и стрит-арт. Изложбата се состои од објекти кои со помош на едноставен цртеж и изразни елементи (линија и боја) се трансформираат од аморфен минимален објект (дрвена греда) во артефакти што содржат карактер, чувство и став. Исто така, има и неколку „портрети“ на ликовни уметници кои мене ми значат и ги избрав за оваа изложба: Banksy (со својата субверзивна prank уметност, која во исто време сака и да насмее и да критикува), Енди Ворхол (со баналното, консумеризмот, славата и модата како главна тема) и Јајои Кусама (со својата опсесивност кон создавањето уметност и упорноста во својот израз, и покрај сите препреки). Овие три „портрети“ се само аперитив за еден пообемен циклус на „Славни коцки“ (Celeblocks), кои ќе следуваат понатаму“, вели Марјановиќ.
Андреј Марјановиќ (1978) е дипломиран графичар (2004, Факултет за ликовни уметности – Скопје), кој работи мултимедија и разни класични техники (сликарство, скулптура, цртеж), но твори и како графити уметник под разни псевдоними (НДРЈ, ЧКЉ Кру, Право Гето) од почетокот на „графити“ културата во Скопје и работи електронска музика под неколку псевдоними (NDRJ, Partybreaking Incorporated, Кисела Куќа) користејќи семплирање како главен конструктивен елемент. Исто така, уметноста ја применува во своето 25-годишно професионално искуство со брендирање, графички дизајн, веб дизајн, фотографија, продукција на анимирани содржини, видео и аудио продукција. До 2013 година живее и работи во Скопје, а од 2014 година во Преспа. Член е на ДЛУМ од 2007 година.
Изложбата ќе биде отворена до 19 јуни.