Наскоро можеби ќе биде дозволено да се купат неколку грама марихуана во Берлин. Новата општинска градоначалничка на населбата Кројцберг, Моника Херман, планира да го отвори првиот кофи шоп со канабис во Германија, објави Дојче веле.
Кога Моника Херман ја презеде функцијата општински градоначалник во Кројцберг, во Берлин, во август годинава, таа ја направи приоритетна легализацијата на канабис. Тоа е тема која поттикнува контроверзии во Берлин, особено пред германските сојузни избори на 22 септември.
Херман ги следи стапките на нејзиниот претходник Франц Шулц. Таа легализацијата на марихуаната ја гледа како начин за справување со се‘ поголемиот проблем со дрогата во паркот Герлицер во Кројцберг, кој се претвори во еден од градските центри за трговија со дрога, се вели во анализата на германскиот медиум.
„Ако сакаме да преземеме контрола врз дилерите и нивните производи, мораме да ја контролираме ситуацијата“, изјави политичар од Зелените за агенцијата Франс-прес. Иницијативата треба полека да го искорени бизнисот на дилерите и да ја спречи консумацијата.
Ова може да биде добра вест за луѓето кои сакаат да се опуштат во кофи шоп, како во Амстердам. Но политиката за дрога во Холандија не мора да биде модел и за Берлин, вели Херман. Наместо тоа, кофи шоповите треба да вработат продавачи со медицинско искуство за да ги советуваат муштериите.
Ова е значаен чекор за они кои бараат реформа на политиката за дрога. „Се работи за тоа да се запре дилерскиот бизнис и да се формира структура, во која ќе може да се купи канабис без додатоци, што значи дека е помалку опасен“, вели за ДВ, Георг Вурт од Берлинската организација за марихуана. „Ние започнавме кампања да ги мотивираме другите градови да го направат истото, да отворат кофи шопови или клубови за канабис, како во Шпанија, за да ги решиме сите проблеми со кои се соочуваме поради забраната“.
Според германската легислатива, продавање и купување марихуана е нелегално. Конзумирањето, меѓутоа, е во сивата зона. Оставено е на секоја покраина да одлучи колку марихуана може некој да има, а да не биде уапсен. Поседувањето мало количество за сопствена употреба има мали или никакви легални последици. Во Берлин, границата е поставена на 15 грама канабис, додека во Хамбург или Северна Рајна Вестфалија, се толерира максимум 6 грама.
Во моментов, меѓутоа, иницијативата да се легализира марихуаната не добива доволна политичка поддршка. Иако социјалдемократите (СПД), Партијата на левицата и Пиратите повикуваат на помаку рестриктивна политика за канабис, локалните конзервативци сакаат да ја задржат забраната. Тие сакаат полицијата да го реши проблемот. Ополномоштеникот за прашања на дрога во Берлин, Кристине Келер-Азара, ја смета идејата за отворање кофи шопови за „нереална“, бидејќи германската политика за дрога е фокусирана на превенција и советување.
Портпаролот на полицијата, Томас Нојендорф е исто така скептичен околу ефикасноста од отворање на кофи шопови. „Се` додека има консументи, ќе има и размена“, вели тој. Од друга страна, тој е убеден дека зголемените рации ќе ги поттикнат дилерите да се преместат во други делови од градот. До јули годинава, полицијата спроведе околу 60 рации во паркот Герлицер. Обвиненија беа покренати против 170 луѓе, 90 од нив наводно го прекршиле законот за дрога.
Во меѓувреме, бизнисот со дрога се одвива како и обично во паркот Герлицер. „Немам искустви со агресивни дилери“, вели жителка во Берлин, Кројцберг. „ Меѓутоа, тие често приоѓаат. Нема да ми пречат кофи шопови во мојата населба“.
За реформа во делот на регулативата околу марихуаната своето треба да го каже Сојузниот институт за дрога во Бон. Засега за темата се расправа во регионалниот парламент во Берлин и Хофман планира да прати апликација до институтот.
За марихуаната не се дебатира само во Германија. И во Соединетите Американски Држави исто така се разгледува прашањето за легализација на марихуана. Од август годинава, владата на САД им гарантираше на сојузните држави слобода на одлучување во делот на политиката за дрога.
Во Уругвај се очекува исто така нов закон за марихуана, одобрен од Сенатот овој септември. Владата се подготвува да ја легализира и да направи монопол над производството и дистрибуцијата.
Еден од германските влијателни фактори ќе бидат скорешните покраински и сојузни избори, вели Георг Вурт.
„Со конзервативна влада, се` уште може да има проблеми и може да поминат години додека да се легализира“, вели Вурт. „Но ентузијаст сум во моментов и мислам дека ќе успееме. Само е прашање на време“.