Францускиот институт во Скопје утре, четврток 13 март, во 18 часот во своите простории ќе ја отвори изложбата „Кога ги следевме сенките“ и уметничка средба со Наташа Неделкова, докторантка во Париз.
„Во Велес, се издигаат црни планини, извајани од олово и цинк. Опипливи сенки на индустриската историја кои се мешаат со понеопипливите сенки на медиумската илузија За изложбата ‘Кога ги следевме сенките’, Наташа Неделкова ја истражува релацијата меѓу еколошкото загадување и медиумската заситеност, откривајќи како овие динамики ги обликуваат современите наративи“, велат од Фрацускиот институт.
Од таму велат дека низ фрагменти од текстови и слики, уметницата предлага критичка мисла за интеракцијата помеѓу физичкиот и медиумскиот простор.
„На овој начин, таа ја истражува врската помеѓу загадувањето на животната средина и медиумската заситеност, откривајќи како овие динамики ги обликуваат современите политички наративи“, посочуваат од Францускиот институт.
Мултимедијална инсталација создадена од Неделкова, која комбинира скулптура и уметнички филм, ќе биде изложена еден месец во излогот на Францускиот институт.