Исланд има најскапи цени за алкохолните пијалаци од сите држави во Европа покажува новото истражување на Еуростат.
На второто место се наоѓа Норвешка, додека на третото место е Финска, која е најскапа земја членка на Европската Унија за алкохолни пијалаци.
Во статистиката е пресметан индекс на секоја од земјите и односот со просечните цени во ЕУ како и трошоците за живот. Додека просекот на ЕУ е 100, индексот на Исланд е 268, додека на Норвешка е 252, што практично значи дека овие две земји имаат 2,5 пати поскапи цени на алкохолните пијалаци од европскиот просек.
Финска има индекс од 182 и како што пишува Еуроњуз, токму високите цени на алкохолот ги принудува Финците често да патуваат во Естонија за поевтини цени. Овој тренд придонел Естонија да ги покачи акцизите на алкохолните пијалаци.
Најевтин алкохол од земјите членки на ЕУ има во Бугарија и Романија кои имаат индекс од 74, односно некаде околу триесетина проценти пониски цени од ЕУ просекот.
Точно на ЕУ просекот се наоѓаат Хрватска, Италија и Холандија.