Магазинот Економист го објави најновиот Индекс на безбедни градови за 2021 година, а на врвот на листата оваа година се најде главниот град на Данска, Копенхаген.
Индексот, покрај личната сигурност, во предвид ги зема и дигиталната околина, инфраструктурата и здравствената безбедност, а новина оваа година е што во рангирањето во предвид се земени и нивоата на смртност од Ковид-19.
Според Економист, Копенхаген е на врвот поради големиот број паркови и зелени простори, како и јасни правилници за Ковид-19, јавната доверба во градските власти и ниското ниво на корупција.
„Копенхаген исто така има и голема социјална кохезија, а релативно мал јаз во приходите на неговите жители. Тој е град каде и хигиеничарите и директорите се среќаваат помеѓу себе во локалните супермаркети и ги носат децата во исти училишта. Ова е еден од главните столбови на данската култура и има огромен придонес кон високото ниво на доверба и безбедност, од кое сите ние имаме придобивка“, вели градоначалникот на Копенхаген, Ларс Ваис.
Градот е рангиран на првите шест места во секоја од категориите, освен во здравствената сигурност, каде се наоѓа на 26-тото место.
Во генералното рангирање, на второто место оваа година се најде Торонто, по што следуваат Сингапур, Сиднеј и Токио. На првите десет позиции се наоѓаат уште и Амстердам, Велингтон, Хонг Конг, Мелбурн и Стокхолм.
Според различните индикатори, Сиднеј го зазеде првото место според дигиталната, а Токио според здравствената безбедност. Најбезбеден град според инфраструктурата е Хонг Конг, додека Велингтон има најдобра еколошка безбедност. Генералниот лидер, Копенхаген, е прв од аспект на личната безбедност.
Индексот за безбедни градови за прв пат беше објавен во 2015 година. Во него се вклучени 44 различни индикатори по кои се рангираат вкупно 50 градови во светот. Информациите за индексот се обезбедени од експерти за градско планирање, епидемиологија, менаџмент на ризици и одржливост.