Горјан Јовановски, креаторот на апликацијата МојВоздух ќе одржи онлајн дискусија организирана од Фондот за иновации и технолошки развој, на која ќе се осврне за најчестите грешки на претприемачите. Таа ќе се пренесува на Фејсбук, во вторник (11 мај) со почеток во 18 часот.
Јовановски е дипломиран софтверски инженер на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во 2015 година, а магистрирал cum-laude на Универзитетот во Амстердам во 2016 како магистер по софтверско инженерство.
До 2020 година, работи во Booking.com како софтверски инженер и менаџер на над 30 луѓе, а потоа ја основа МојаФирма и го вложува целиот фокус во апликацијата AirCare (МојВоздух).
Од 2014 година, Јовановски се ангажира во наоѓање начин како да помогне околу проблемот со енормното загадување на воздухот. Комбинирајќи ги пасијата за технологија и зелена средина, ја создава AirCare (МојВоздух), апликација која што го прикажува степенот на загадување низ целата земја.
Со над 500.000 преземања, AirCare бргу ја подигнува јавната свест околу загадувањето, а Јовановски ја шири приказната и надвор од границите на државата преку разни говори, како и неговиот TED говор насловен „The Data I Breathe”.
Од 2020, Јовановски целосно се фокусира на AirCare со цел освојување нови пазари и помагање на граѓани во високо загадени држави низ светот. Тој е добитник на наградата за Македонски квалитет од ССМ и Претседателот на Македонија, наградата за најдобар млад европски претприемач за 2020 година од World Summit Awards, како и награда на глобално ниво од ООН.