Сите редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните високообразовни установи имаат право на користење на финансиската поддршка за субвенциониран студентски оброк.
Тие од октомври ќе добиваат месечен износ од 2.400 денари за да си купат здрава храна.
За да ги добијат средствата, освен што треба да се државјани на Република Северна Македонија, студентите треба да ги исполнуваат и следните услови:
-да не се во редовен работен однос;
-да не се регистрирани како индивидуални земјоделци;
-да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.
Правото на субвенциониран студентски оброк ќе се остварува преку аплицирање, за што МОН дополнително ќе сподели информации.
Со измените на Законот за субвенциониран студентски оброк, исплатата на средствата треба да се врши првиот работен ден во месецот во износ еднаков на бројот на субвенционирани оброци на кои студентот има право за тој месец. Сепак, овие измени ќе важат само за студентската 2021-2022 година.
Исклучок од правото за субвенциониран студентски оброк ќе има во периодот од 1 јули до 14 септември во годината во која студентот се стекнал со правото на субвенционирање на студентски оброк, како и за време на државни, верски празници и неработни денови.