Популарниот Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) од кој студентите очекуваат современа дигитализирана платформа за завршување на административни работи околу упис или уплаќање на школарина, оваа година наместо соодветно решение произведе долги редици идни студенти кои со часови чекаа да ги предадат своите документи.
Чекањето за пријавување за упис на факултет е нешто од што останатите единици при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ полека се ослободуваат. Потребата од двојната обврска, пред да ги донесат документите со физичко присуство да се пријават и електронски, кандидатите кои се запишуваат на ФИНКИ ја сметаат за несоодветен начин на кој треба да се врши уписот.
Јана од Охрид во изјава за Радио МОФ сподели дека редот на денот на пријавувањето бил страшен и многу долг, па таа два пати пошла кон шалтер-пријавниците и се вратила.
„Од почеток ми беше нејасна причината зошто истите документи што ги пративме по мејл да ги носиме и во хартиена форма, но мислам дека ептен се разочарав кога сфатив дека другари од Охрид кои одбрале други факултети не мора да патуваат. Некако очекуваш баш ФИНКИ од сите други да е најспремен во дигитализација на вакви процеси“, вели Јана и додава дека разочарувачки било и тоа што имало влегување преку ред што дополнително ги исфрустрирало насобраните.
Со нејзиниот став се согласува и нејзиниот иден колега, Андреј Бубевски кој смета дека факултетот наместо два, треба да избере еден начин за пријавување и поднесување на документи.
„Ако веќе ги носиме во хартиена форма, зошто постои тој онлајн систем за пријавување на студенти? И во Штип е онлјан аплицирањето и ти ги носиш документите кога ќе видиш дека си примен. Јас сум од Берово, речиси целиот мој клас се запиша на ФИНКИ и за денот на пријавување се снаоѓавме, кој со автобус кој со автомобил требаше да дојде документи да донесе поради што не може онлајн“, изјавиБубевски кој годинава се запиша во прв циклус студии.
Дванаесет години по воспоставувањето на „iKnow“ системот за електронско пријавување на кандидати за упис на некој од факултетите на најголемиот државен универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), само три факултетски единици сè уште практикуваат „хартиена“ достава на документите. Тоа се ФИНКИ, Медицинскиот факултет и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје
Пријавувањето за првиот уписен рок на сите факултети при универзитетот годинава се одржа на 30 и 31 август. Од вкупно 23 постоечки факултетски единици, 20 пријавувањето го реализираа по електронски пат преку најава на секој студент на „iKnow“ системот и прикачување на потребните документи таму. По објавување на прелиминарните и конечни ранг листи, примените кандидати беа повикани во просториите на факултетите за време на деновите за запишување да ги донесат документите и со тоа да добијат сопствен број на индекс.
Законските процедури ја оспоруваат дигитализацијата
Причина за долгите редици пред ФИНКИ се условите што ги наметнува Конкурсот за запишување на студенти за прв циклус студии на студиските програми при УКИМ, ни изјави проф. д-р Иван Чорбев, деканот на ФИНКИ. За реализација на Конкурсот за запишување, наставно-научниот совет на факултетот треба да формира Конкурсна комисија која одлучува на кој начин ќе се врши пријавувањето и запишувањето на кандидатите.
„Во екот на пандемијата, при најмалку две уписни години, на истиот систем беше надграден и модул за прикачување на скенирани документи за дополнителна ефикасност и заштита на идните студенти и персоналот на УКИМ од евентуални здравствени ризици. Сепак, законски сме обврзани од идните студенти да ги земеме и во нивните досиеја кај нас да ги чуваме нивните свидетелства, уверение за државјанство и извод од матична книга на родени кои државата ги издава само во хартиена форма“, вели Чорбев.
Деканот се навраќа на изминатите две години кога поради опасност од Ковид-19 конкурсот за запишување наведуваше услов депонирањето на хартиените документи да се врши со вметнување на истите во голем затворен плик што подоцна на одреден датум се става во кутија со документите на другите кандидати со цел да се избегне физичка интеракција и собир на луѓе.
„Доколку одевме со истиот систем, голем дел од студентите немаше да имаат валидни документи и ќе мораа да се пријават на втор уписен рок. Овој пат, согласно конкурсот, избравме датумот на депонирање хартиени документи да се поклопи со последните два дена од рокот за упис, како и пред пандемијата. Хартиените документи, освен запазување на законски обврски, обезбедуваат и сигурна правична распределба и фер комплетно пополнување на слободните места според конкурсот во услови на големиот интерес за упис на ФИНКИ, а во интерес на сите кандидати кои се навистина заинтересирани за упис“, подвлекува д-р Чорбев.
Таквото депонирање документи, како што дополнува Чорбев, оневозможува директна проверка на комплетноста и валидноста на уфрлените документи.
Во минатото, кога се носеа документи во плико, при обработката беа утврдени над 30% невалидни, односно некомплетни документи“, истакнува тој.
Носењето на документите во хартиена форма со физичко присуство е задолжително барање од сите факултетски единици при универзитетот, но останатите 20 факултети го бараат тоа да денот на упис, во случајов деновите за запишување на кандидатите во првиот уписен рок беа 12 (понеделник) и 13 септември (вторник). Овие два дена бруцошите на сите факултетски единици при УКИМ задолжително треба да ги донесат во хартиена форма документите што ги пријавиле електронски, да набават индекс и да пополнат и достават уште три пријавни листови што се набавуваат во книжарниците на факултетите.
Се чини дека главниот проблем се состои токму во ова. Кандидатите пријавени за студии на ФИНКИ кои веќе ги имаат поднесено документите со физичко присуство, треба уште еднаш да дојдат на факултет за да ги достават останатите три пријави и индексот. Додека другите факултети го изоставуваат барањето апликантите два пати да доаѓаат во просториите на факултетот поради упис, и истото го овозможуваат преку користење на „iKnow“ системот, кандидатите за студии на ФИНКИ кои се од другите градови во земјава требаше да патуваат два пати за комплетирање еден пакет документи.
Чорбев посочува дека дигитални онлајн уписи на ФИНКИ, а со тоа и на целиот УКИМ постојат уште од денот на формирање на факултетот, пред 12 години, со воспоставување на системот „iKnow“. Тој вели дека дигитализирањето на овој процес е неопходност со оглед на тоа што самиот факултет сè уште нема сопствена зграда.
Како што информира деканот, оваа година преку „iKnow“ системот до факултетот пристигнале пријави од 1.200 апликанти, а на денот на пријавувањето дошле вкупно 1.130 од нив.
Актуелниот декан на ФИНКИ во изјава за Радио МОФ забележува дека депонирањето на документите за време на деновите за пријавување било организирано најдобро што може во дадените околности, со оглед на тоа што, како што посочи, факултетот нема сопствена зграда.
Тој додава дека идните студенти имале на располагање цели 2 работни дена да ги донесат документите и, како што рече, не било инсистирано сите да дојдат рано наутро првиот ден, ниту имало влијание кој порано или подоцна ги предал документите.
„Првиот ден беа примени документи од 900 кандидати и сите тие завршија до 13:00 часот, додека вториот ден релаксирано предадоа документи само 200 кандидати. Беа ангажирани 6 прелиминарни советодавни шалтери од постари студенти за преглед и помош околу комплетирање на документи и 6 шалтери за прием на документи од службите. Според протоколот, ниеден кандидат не се задржа во затворена просторија повеќе од 10 минути и во ниеден момент немаше повеќе од 20 студенти во просторија од над 1000 м2, холот на ТМФ“, изјави д-р Чорбев.
Студентите желни за подобрување на електронскиот систем
Јоана Тренеска, авторка на документот за јавни политики „Дигитализација во високото образование“ во издание на Младинскиот образовен форум (МОФ), за Радио МОФ објаснува дека според заклучоците забележани од МОФ во изминатиот период, студентите имаат желба за дигитализација на административните процедури на УКИМ.
„За време на хакатонот кој неодамна беше организиран од МОФ студентите речиси исклучиво ја насочија својата креативност кон креирање на алатки и решенија кои би овозможиле дигитални услуги при пријавување на испит, уплаќање школарина, запишување на факултет и слично. Тие не се осврнаа на некои комплексни идеи за дигитализација на самите студии и настава, туку на елементарните услуги кои веќе одамна требаше да бидат понудени и во дигитална форма“, забележува Тренеска.
Таа додава дека вакви инциденти на огромни редици и архаични начини на поднесување документи со кои бруцошите се среќаваат, создаваат фрустрација и разочараност уште пред да почнат со нивните студии и, како што посочува, тоа е на некој начин, несреќен почеток на нивните студентски години.
Имено, денес и утре се пријавните денови за вториот уписен рок за прв циклус студии. Радио МОФ го посети кампусот на Машинскиот факултет и зградата во која се наоѓа студентската служба на ФИНКИ. Денес немаше редици, а оттаму ни објаснија дека за време на првиот уписен рок се пополниле речиси сите слободни места, односно од вкупно 1.080 слободни места, непополнети останале само 30, што значи дека денешното пријавување ги избегнало долгите редици идни студенти.
Ангела Бошкоска