„Кој е следен?“ го поднесе своето прво барање и најави нов протест „Системот заборава, ние не!“

Граѓанското движење „Кој е следен?“ денеска започна со етапно доставување на своите барања. Првото беше доставено до Влада, каде утре од 18 часот е најавен и почетокот на новиот протест со име „Системот заборава, ние не!“. 

Умејр Муамеди, претставник на движењето, објасни дека ова барање се однесува на платформата „Е-инспекторат“, односно за спроведување електронски систем за внесување на записници од инспекциските надзори врз локалите.

Ова би значело, да се отвори веб-страница каде секој ќе има пристап, ќе може да го напише името на субјектот на локалот, а таму биде објавена целата документација од инспекторските надзори – дали се позитивни или негативни.

„Во случај да напишете, на пример, името на субјектот и да не ви излезе ништо за тој субјект, тоа значи дека истиот врши дејност која ја нема регистрирано во соодветните регистри. За жал, имаме голем број такви“, рече Муамеди.

Целта е „Е-инпекторат“ е посетителите да знаат во што се впуштаат, каде одат, дали се безбедни, а притоа да се спречат евентуални трагедии.

Во однос на другите барања кои граѓанската иницијатива ќе ги поднесе, претставникот на „Кој е следен?“ истакна дека ќе бидат поднесени до Министерството за правда и до Собрание – кои се однесуваат на реформи во правосудниот систем.

„Таму ќе го издвојам, на пример, нашето барање за промена на начинот за полагање на правосудниот испит. За сите кои не знаат, Министерството за правда формира комисија за полагање на правосудниот испит. Ние бараме тоа да се смени, бидејќи сметаме дека имаме конфликт на интереси. Односно, тоа се злоупотребува“, рече Муамеди.

Потврди дека веќе имаа свои барања, а во фаза се на изготвување и на нови.

Движењето „Кој е следен?“ објави нови барања за безбедност и превенција  

Во однос на прашањето дали барањата имаат рок, Муамеди посочи дека прво очекуваат властите да изразат подготвеност за нивна реализација.

„На нас ни е јасно дека ‘Е-инспектор’ не може да се направи за 5-10 денови. Во тој аспект, тимот на ‘Кој е следен?’, кој е составен од софтверски инженери, архитекти, правници… ќе стои на располагање на владата за логистичка поддршка за имплементација на барањата“, рече Муамеди.

На прашањето далидоколку нивните барања се игнорираат од властите, би прераснале во политичка партија или политички субјект, Муамеди истакна дека моментално немаат таква амбиција и дека тука се за суштински, системски промени.

„Бидејќи, јасно ни е на сите дека кој и да дојде на власт, со вака поставен систем, не очекуваме дека нешто ќе се смени“, нагласи тој.

Инаку, утрешниот протест на „Кој е следен?“ ќе започне од 18 часот од Влада, по што граѓаните ќе се движат до Судски совет, Собрание, па маршот ќе заврши кај Кривичниот суд.

Системот заборава – но, ние не забораваме. Ние ја паметиме секоја колективна траума што политичарите ја користат за поделби. Секоја лага што ја шират за да нè исплашат, секоја неправда со која сакаат да нè замолчат. Тоа што нѐ напаѓаат, значи дека нѐ слушаат и ни потврдуваат дека ја зборуваме вистината, а вистината ги вознемирува само оние што профитираат од нашето секојдневно страдање. Два месеци бараме промени, но ништо не се менува! По четири протести, несреќите се зголемија. По три форуми, неправдата порасна. По одржаното Народно Собрание, пратениците станаа уште потивки“, соопштија од движењето.

Во изминатите два месеци, велат од таму, покажале дека се гласот на сите што беа понижени, игнорирани и обесправени во овие 35 години.

„Затоа, ако си работник што гине на работно место без основни работни услови, мајка што не спие додека детето не се врати дома, младо лице што заминува затоа што нема за што да остане, студент што плаќа за ‘бесплатно’ образование, доктор што работи со скршена опрема, учител кој е оставен сам на себе, пензионер што одвај преживува, ако си граѓанин на кој системот му го одземал достоинството – ова е твојот повик“, велат од „Кој е следен?“.

Истовремено, нагласуваат дека системот што требаше сите да нè заштити, нѐ остава да умираме.

„Пратениците кои треба да нѐ претставуваат, нѐ оставија да се претставуваме сами, судиите кои треба да донесат правда, ја одложуваат додека таа не стане бесмислена. Време е да се разбудиме. Време е да го промениме системот. Ова не е марш на ‘Кој е следен?’. Ова е повик за здружување, против заедничкиот непријател, системот кој сака да заборавиме. Но, ние не забораваме. Ние паметиме. И затоа, не заминуваме. Не се повлекуваме. Излегуваме на улица. Повторно. Погласно. Појасно. Системот е следен!“, стои во повикот за утрешниот протест.

Бојан Шашевски