Кога тие ги пакуваат куферите, ние ја полниме улицата. Кога тие заминуваат на одмор, ние доаѓаме пред Собранието. Не затоа што немаме што да правиме. Туку затоа што имаме што да кажеме, велат од граѓанското движење „Кој е следен?“, кое на 29 март, сабота, од 12 часот организира собир наречен „Народно собрание“.
„Зошто се собираме пред Собранието? Затоа што не молчиме. Затоа што имаме барања што не може да чекаат. Затоа што демократијата не оди на одмор“, посочуваат од „Кој е следен?“.
Од таму потенцираат дека настанот ќе биде поделен во два дела. Односно, во првиот дел „Кој е следен?“ ќе ги презентира своите барања во целост. Второ, микрофонот ќе биде отворен за секој граѓанин кој сака да го изнесе своето мислење околу барањата, или да сподели генерален став за моменталната состојба.
„Граѓаните ќе зборуваат. Ќе критикуваат. Ќе поддржуваат. Ќе го кажат тоа што предолго тлее. Ова е простор за гласот што не сакаат да го слушаат. Ова е твојот простор. Наш простор. Се гледаме пред Собрание. Настанот ќе трае додека има граѓани што сакаат да бидат слушнати. Ако имаш што да кажеш — подготви го дома и кажи го пред сите. Не чекај да те повикаат. Нека ова биде твојот повик!“, се вели во најавата за народното собрание.