„Кој е следен?“ – утре во Скопје нов протест по трагичната смрт на 22-годишната Фросина

За утре (недела) во 17 часот е најавен нов, втор протест на булеварот „Партизански Одреди“ кај Универзална сала. Протестот следува по масовниот собир и марш кој се одржа вчера на кој учествуваа стотици граѓани кои побараа правда за трагичната смрт на 22-годишната Фросина Кулакова која пред два дена беше прегазена на булеварот „Партизански Одреди“.

„Случајот со Фросина Кулакова не е изолиран, се повторуваат истите случаи на неконтролирано возење со години, се повторува неказнувањето и недолжното згаснување на животи. Фрустрирани од состојбите што не се менуваат, повикуваме на изразување на граѓански револт“, се посочува во најавата на групата која го организира протестот насловена „Кој е следен?“.

Како што велат оттаму, системот ги отфрла децата и младите кои поради недоволна грижа го избираат погрешниот пат, додавајќи дека институциите не се координирани и оти тоа доведува до млади кои не ја добиваат потребната поддршка за да бидат активни чинители во општеството.

„Тој недостиг на поддршка резултира до сѐ почести фатални последици. Протестот има за цел да адресира три главни проблеми – нефункционалност на системот за заштита на децата и младите кои се во судир со законот, недоволна безбедност во градовите, глорификација на девијантно однесување. Алките во системот за работа со деца и млади во судир со законот не функционираат“, посочуваат организаторите.

Дополнително, тие велат дека институциите не настапуваат координирано за идентификување на младите во судир со законите, а тие кои веќе се идентификувани, не ја добиваат функционалната грижа за да се изградат во корисни и чесни граѓани на општеството.

„Дополнително, урбаната инфраструктура не ја осигурува потребната безбедност. Неопходно е градовите да можат да гарантираат безбедни услови за живот. За крај, од исклучителна важност е да се поттикне јавната свест кон гласно осудување на глорификацијата на девијантното однесување. Круцијално е да се информираат граѓаните за последиците од возвишувањето на неказнивоста и заобиколувањето на правилата“, децидни се тие.

Инаку, вчера во Скопје се одржа протестен собир кој потоа прерасна во марш. Стотици граѓани маршираа од булеварот „Партизански Одреди“, кон Собранието, Обвинителството и Кривичниот суд барајќи правда за Фросина.

[Видео+Галерија] „Сакаме правда“ – стотици граѓани на протестен марш побараа правда за смртта на 22-годишната Фросина