Деградирачко, дискриминирачко и несовесно однесување на наставници кон ученици се забележува во две третини од сведоштвата на анкетирани 49 ученици и млади луѓе на возраст од 15 до 29 години. Според исказите на испитаниците некаква форма на ученичко насилство најчесто вршат наставниците по физичко образование, а најголем број од пријавените случаи биле во Скопје и Битола.
Овие податоци ги открива Анализата „Утврдување на деградирачко, дискриминирачко и несовесно однесување на наставници кон ученици во образовниот процес“ спроведена преку отворениот прашалник „#КажиСи“ од граѓанските здруженија „Младите можат“ и Здружение Лидери за едукација активизам и развој (ЛЕАД).
Наодите од анализата укажуваат дека најчеста форма на дискриминирачки однос на релацијата наставник – ученик се сведува на невкусни коментари за изгледот и омаловажувањето на ученикот за време на онлајн наставата, нетрпелив однос на наставници кон ученици по етничка и сексуална припадност и заплашување и уцени како метод на моќ.
„Ако носеше некој ученик куси пантолони под колена или сандалки го гледаше иронично и со смеење велеше `пак по гаќи си бе?` Дај бе доста со тие гаќите” на училиште немаше клима и цело време се закануваше дека ќе пишел неоправдани ако се носело сандалки. Еден ученик си ја имаше исфарбано косата и професорот зајадливо праша `кој те фарбаше бе? Мајка ти те фарбаше? Хахаха Ако ја фатам јас таа мајка ти`. На час си преведува од грчки и немаше учебник од кој да учиме”, вели еден од испитаниците, на возраст од 19-24 години од Битола.
„Наставникот за време на часот зборуваше дека ЛГБТИ лицата имаат психичка болест итн. Јас сум геј и тоа ме вознемири, a другите соученици кажува `така е тие треба да умрат`, `ќе одиме на Pride week да ги тепаме`”, изјавил друг испитаник на возраст 15-18 години од Скопје.
Истражувачите нагласија дека ваквите видови дискриминација не се директно посочени во Законот за средно образование, каде во член 3 стои дека не е дозволена дискриминација заснована на пол, раса, боја на кожата, национално и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотната и општествената положба.
На крајот на прашалникот испитаниците биле прашани дали опишаната ситуација ја имаат пријавено до училишните служби, на што 27 испитаници одговориле позитивно, а 22 испитаници одговориле дека немаат пријавено.
„Кога ќе се пожалев сите други професори викаа – `Тоа е, си го знаеме каков е`. Ради него на уписи за факс имав помалку поени. Никој ништо не преземаше“, гласи еден од одговорите на тоа зошто не е пријавен конкретен случај.
Сите 49 испитаници доаѓаат од различни средни училишта и високообразовни институции во државата. Од нив 22 поднеле некаков вид на претставка до своето училиште, но ниту една од претставките досега не наишла на разрешница и соодветна акција.
„Колку за споредба, во рамки на нашето истражување беше испратено прашање до Државниот просветен инспекторат (ДПИ) за тоа колку претставки биле поднесени во последните пет години. Одговорот беше изненадувачки низок, бидејќи само 23 биле поднесени, од кои 15 се основани, а 8 неосновани“, велат истражувачите од граѓанските здруженија.
Друг забележителен податок од анализата е дека само една од претставките поднесени до ДПИ е од ученик, додека 17 се од родители, а 5 се поднесени од институции.
Од граѓанските здруженија велат дека истражувањето било поттикнато од јавната објава на матурантка од Средното училиште „Илија Николовски-Луј“ во август годинава, кога пред јавноста излезе со обвинување за недолично однесување од страна на наставниците за време на четирите години поминати во училиштето.
На новинарско прашање на денешниот брифинг за медиуми за презентирање на резултатите од Анализата, за тоа како ДПИ постапил по претставката од училиштето, истражувачите одговорија дека немало никаква реакција по случајот.
„Ние кога прашавме како постапиле кон оваа претставка, оттаму се оградија и рекоа дека понатаму други институции се надлежни за ова, односно судските органи“, рече Анита Николовска, извршна директорка на „Младите можат“.
Од „Младите можат“ и ЛЕАД апелираат за недостатокот на самоиницијативни контроли на надлежните институции за проверка по однос на претставките од училиштата и учениците. Според нивните наоди, ваквите контроли не се дел од годишните програми на инспекторатот.
„Треба поголема контрола, подетално истражување и санкции кон тие што се навистина одговорни. Бидејќи ако има санкции, тоа ќе биде пример за другите наставници дека тоа не треба да го прават“, порача извршниот директор на ЛЕАД, Иван Јованов.
На крајот од анализата стои дека Министерството за образование и наука (МОН) иако според Законот за средно образование треба, сè уште нема пропишано упатство во кое ќе биде наведено како да се третира и пријави насилство од страна на наставник кон ученик.
Од граѓанските организации на денешниот брифинг најавија дека во моментов се работи на поопсежно истражување на оваа тема што ќе биде презентирано во иднина и во кое ќе бидат вклучени и ставови од МОН, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат.
Ангела Бошкоска