Колапсот на Клинички ја прегоре Градска болница: 150 итни пациенти оперирани за 10 дена

Полни корпи со чаршави, кебиња и перници во ходникот на приземјето на Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, попозната како „стара Градска болница“, сведочат за напливот на итни пациенти што го имаат во последниве десетина дена, откако наталожените проблеми во инсталацијата за кислород и во компресорската станица доведоа до крах на здравствениот систем на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде што се затворени хируршките сали, јавува новинската агенција Мета.

Кога ќе влезете во клиниката по хируршки болести, нема да забележите ништо невообичаено освен типичната гужва низ ходниците. Но, она што се случува на погорниот кат, на своја кожа го чувствуваат само медицинскиот кадар и пациентите.

Со комплетниот хаос што настана, практично само на пациентите кои се итни и неодложни, им се вршат хируршки интервенции. Тоа значи дека се оперираат само пациенти со крварење во мозокот и абдоминални интервенции како преплет на црева, повреда на стомачните органи, крварења во абдоменот, слепо црево каде што е итно потребна операција итн. Но, на пример, доколку некој имал закажано операција на жолчно кесе или на кила, сега нема да може да биде опериран, ниту во Клиничкиот центар, ниту пак во „Св. Наум Охридски“.

Причината за колапсот на хируршките сали на Клинички центар сè уште не е докрај позната, а од Министерството за здравство не одговорија на прашањата на Мета.мк за тоа, дали проблемот е лоциран и кога се очекува хируршките сали да бидат пуштени во употреба.

Со ова, сиот товар сега паѓа на Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ и на ГОБ „8 Септември“.

Само во последниве десетина дена, во „Св. Наум Охридски“ биле примени околу 180 пациенти, од кои на 150 им е направена интервенција. Во просек има по околу 13 операции дневно. Сето ова, се прави во четири (од вкупно пет) функционални хируршки сали.

Вкупната бројка на пациенти кои проциркулирале во болницата на дневно ниво е 400, само во амбулантите.

Дел од хирурзите со кои разговаравме велат дека се случува да работат по 6-7 дена, по 24 часа. Дел од нив дома одат само да се истушираат и се враќаат повторно на работа. На располагање има само четири болничари.

Ако ситуацијата продолжи, Љубен Арсенков, директор на Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ тврди дека ќе мора да се бара мигрирање на повеќе кадар. Обемот на работа во интензивната нега и во оперативниот блок е енормно зголемен и тој персонал е на ивица на „burnout“ (прегореност), вели тој за Мета.мк.

Доколку потрае оваа ситуација, треба да се разговара за прераспределба на персоналот кој од клиника би придонел овде повеќе. Персоналот вложува натчовечки напор. Не ни недостасуваат хирурзи и лекари, колку што ни недостасува средномедицински персонал. Ни недостасуваат сестри, не поради зголемената бројка на пациенти, туку поради ангажирањето на дополнителни часови. Досега во трета смена во оперативниот блок сме имале една сестра инструментарка, но сега бараме две, зошто една треба да работи со итни случаи кои се веќе примени, а другата, како не дај боже пред некој ден, престрелка, повредени, и не можеме од дома да ги викаме“, вели Арсенков.

На Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ има капацитет од 100 болнички кревети, осум за интензивна нега и шест кревети во шок собата. Во клиниката работат 350 луѓе, од кои 150 се сестри, а стотина се лекари.

Министерот за здравство во заминување Илир Демири, зборувајќи за хаосот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ пред два дена соопшти дека хируршките сали се изградени пред 30 години и дека од тогаш е инсталацијата за кислород и компресорската станица.

„Имаше хаварија во станицата кога се расипа еден од компресорите и настана оштетување, бидејќи влезе уље во тие цевки, по што компресот беше вон функција. Издувани се комплетно цевките, за да има квалитетен кислород. Побарав итно од менаџерите да поднесат барање да може да се сервисираат компресорите. Минатата сабота се случи ист проблем, без никава хаварија, се појави лоша миризба во дистрибутивната мрежа за кислород, поради што реагиравме, кажа Демири.

„Имаше испитување, ни препорачаа да се менуваат филтрите од компресорските станици. Бидејќи не можеме да ги користиме салите, се одлучивме за алтернативно решение, сите случаи да се откажат и да се оперираат само итните, а пациентите да се препраќаат во Градска болница, а другите во „8 Септември“, додаде тој и информира дека набавени се 6 надворешни компресори кои може да служат за итни покомплицирани интервенции и за пациенти кои се на КАРИЛ (Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување).

Демири кажа дека Јавното обвинителство ќе истражува која е реалната причина за проблемот со непријатна миризба која се јавува ако компресорите се приклучат на централниот довод со кислород.