Музичката андерграунд сцена „ечи“ со уште еден панкерски омот, овој пат „Глас“ – најновото продолжено издание (EP) на Иван Димиш, тапанар и творец на гранџ и пост-панк музика.
„Голема тишина, никаков збор“, е првиот стих на првата од четирите песни што пред два дена ги објави младиот панкер.
„Во „Глас“ ги кажувам моите ставови, случки и мислења, ставовите, случките и мислењата на другите луѓе, исто како и во другите ЕП-ња. Оставам сами да сфатите за што се работи во песните, само ќе искоментирам за песната „Глас!“. Пораката е дека мора секогаш да се побуниме за сите неправди кои ни се случуваат во животот, бидејќи ако молчиме, ништо нема да се промени. Органите кои треба да нѐ штитат, Владата и сите други државни органи ја злоупотребуваат нивната функција и затоа секогаш
мора да покажеме со прст кон нив и да не им дозволиме да си „играат“ со нас! Секогаш кога нешто не Ви се допаѓа, кренете го својот Глас!“, објаснува тој.
Димиш самостојно ги прави своите песни, досега успеал да се испроба во пишување текстови, смислување музика, снимање и продуцирање. Освен што свири тапани, од 14 години свири акустична и бас гитара.
„Во 2016 година почнав да снимам моја музика, иако тоа не беше баш снимање музика, повеќе беше учење како да работам во програма за снимање на музика. Па, откако поднаучив да снимам, почнав да правам инструментална музика, бидејќи сѐ уште не пишував текстови“, вели тој.
Откако, како што ни раскажа, го пронашол „неговиот звук“ излегуваат неговото прво ЕП „Единка“, во кое песните се гранџ. Непосредно по тоа излегува и второто ЕП „Навраќање“, а песните се пост-панк.
„Третото го направив за 2 месеца отприлика, но вообичаено работам на многу песни низ текот на една година, па поточно кажано, сигурно сум работел 6 месеци, можеби и повеќе. Некои песни беа и постари идеи од пред година-две. Голема благодарност до Сара, Давор и Аце кои ми помогнаа со пратечките вокали, а посебна благодарност до Магде која го дизајнираше омотот, кој што убаво ја опишува секоја песна“, вели Димиш.
Освен самостојните изданија, тој има свирено тапани и во треш-метал бендот „Conspiracy“ од 2016 до 2021 година. Со „Conspiracy“, како што вели имале многу свирки, а заедно се потпишуваат и зад албумот „Dehumanized“ под ‘етикетата’ на Пасворд продукција.
Покрај трите продолжени изданија, тој ги има извадено инструменталните албуми „Inception“ со звуци на природа што веројатно никогаш нема да предвиди дека ќе свири во треш-метал бенд, понатаму, албумот „Redemption“ со драматичен инструментален призвук. Посебно се издадени нумерите „Џ(г)ан“, „Ортус“ и „Многу“, сите во различни жанрови, од поп до лут панк.
„Во 2019 почнав да свирам тапани за Кристина Арнаудова, а моментално свирам тапани и за Лара Иванова. Од март 2022 година сум во нов бенд кој се вика „Red18“. Пред скоро го снимивме нашиот прв албум, во кој сите песни се во различен жанр. Не сум сигурен кога може да се очекува албумот да излезе, но во секој случај ќе биде оваа година“, вели Димиш.
Ангела Бошкоска