Судија во Колумбија предизвика јавна дебата во земјата, откако призна дека употребил вештачка интелигенција, поточно текстуалната алата ChatGTP за да донесе судска пресуда, пренесува „Гардијан.“
Хуан Мануел Падиља, искористил претходни судски пресуди и го запрашал ботот „дали здравственото осигурување треба да ги покрие трошоците за медицински третмани на дете со аутизам“.
Падиља, кој е судија во Картагена, одлучил дека сите медицински и транспортни трошоци треба да бидат покриени од здравственото осигурување, бидејќи родителите не можеле да си ги дозволат.
И додека пресудата сама по себе не била воопшто критикувана, јавна дебата предизвикала акцијата на Падиља да искористи вештачка интелигенција при судска пресуда.
Документите од судскиот процес покажуваат дека судијата ја прашал алатката за вештачка интелигенција прецизно судско прашање – „Дали малолетно лице со аутизам треба да плаќа за своите медицински третмани?“
Одговорот на ChatGPT гласел „Според регулациите во Колумбија, малолетниците дијагностицирани со аутизам се исклучени од плаќање за своите терапии“.
Одлуката отворила јавна дискусија за користењето на вештачка интелигенција во правосудството и била критикувана од страна на други судии и правни лица.
Падиља застанал во одбрана на користењето на технологијата, велејќи дека ваквата практика може да го подобри напумпаниот колумбиски правосуден систем. Тој дополнил дека користел преседани од претходни судски одлуки.
Истовремено, Падиља инсистирал дека прашувањето на ChatGTP не значи дека судиите престануваат да бидат судии и да размислуваат со своја глава.
Според судијата, алатката може да одговори на организиран, едноставен и структуриран начин и да го забрза судските процеси во правосудниот систем.
Во 2022 година, Колумбија усвои закон според кој јавните адвокати можат да користат технологија при своите случаи за да ги забрзаат процесите.
Октавио Техеиро, судија во Врховниот суд на Колумбија, изјавил дека вештачката интелигенција предизвикала морална паника во законот бидејќи луѓето се плашат дека роботите ќе ги заменат судиите, но според него, алатката веројатно наскоро ќе стане прифатена и вообичаена.
„Правниот систем треба да го искористи максимумот од технологијата, додека ја следи етиката и има предвид дека носителот на правдата на крајот е човечко суштество. Мора да се гледа како инструмент кој му служи на судијата да го подобри своето расудување. Не можеме да дозволиме алатката да стане поважна од личноста“, изјавил тој.