Eвидентно е сериoзно отсуство на жени кои извршуваат раководни функции на ниво на факултет или универзитет. Бројот на жени ректорки е најразочарувачки, каде скоро без исклучок највисоката позиција е „традиционално” резервирана за професори мажи пишува за Радио Слободна Европа Мартин Галевски – младински активист, МОФ-овец и постдипломец по образовни политики на универзитетот Кембриџ во Англија.
На глобално рамниште повеќе од две декади нивото на учество на жените во високото образование е во постојан раст и го надминува процентот на мажи од вкупната студентска популација. Македонија не е исклучок од ваквиот тренд на „феминизација” на високото образование и се очекува истиот да продолжи и во иднина. Имено, според податоците на Заводот за статистика, во академската 2012/2013 година се запишани вкупно 56.906 студенти во прв циклус студии, од кои бројот на запишани студентки изнесува 31.005 односно 54,5 проценти.
Слично како и кај запишаните, бројот на дипломирани жени во 2012-та е поголем од тој на мажите и изнесува 55.7 проценти. Сепак вреди да се напомене дека постојат значајни полови разлики во изборот на областите на студирање, кои се уште се делат на „машки“ и „женски“. Во однос на техничките науки, на пример, бројот на машки студенти е речиси двојно поголем од оној на женските, додека пак спротивното важи за општествените науки каде што доминираат жени.
Наспроти релативно еднаквата родова структура помеѓу студентите, жените се несоодветно застапени на повисоките академски позиции и во процесите на донесување одлуки во рамките на универзитетите. Иако податоците за родовата структура на работната сила укажуваат на подобрување на вкупниот бројот на жени во академската професија кој сега изнесува 47.6 проценти, сепак бројот на редовни професорки е скоро двојно помал од оној кај мажите, додека пак жените се мнозинство само на пониските соработнички (асистентски) позиции.
Дополнително, евидентно е и сериoзно отсуство на жени кои извршуваат раководни функции на ниво на факултет или универзитет. Бројот на жени ректорки е најразочарувачки, каде скоро без исклучок највисоката позиција е „традиционално” резервирана за професори мажи.
Најстариот и според многумина најреномираниот универзитет во Македонија – Универзитетот Св. Кирил и Методиј (УКИМ) – во своето 65 годишно постоење само за време на еден мандат, (од 1994 до 1998 година) на чело на својата институција имал жена. Сличен „феномен” e присутен и кај останатите државни (но и повеќето приватни) универзитети кои во моментов на ректорската позиција имаат исклучиво мажи.
Родовиот дисбаланс е евидентен и кај функцијата декан(ка). Во склоп на УКИМ, како еден пример, од вкупно 23 факултети, само 3 се предводени од жени деканки, додека пак 6 од нив немаат ниту една жена продеканка. Факултетите каде жените успеваат да дојдат до позицијата деканка, најчесто се помалите и помалку престижните единици. Дури и на оние факултети каде што женскиот академски кадар е поброен, бројот на машки декани останува висок. Она што особено загрижува е дека кај дел од женскиот наставен кадар, ваквата ситуација се прифаќа како сосем природна. Неодамнешна студија изработена од страна на Институтот за родови студии потврдува дека стереотипите кои се однесуваат на родовите улоги се подеднавко присутни и кај машкиот и кај женскиот дел од академската заедница.
Ваквата неповолна родова структура, не е изолирана практика и особеност единствено во високо образовните институции. Дел од динамиката е несомнено релеватна и за сличен вид на установи од областа на науката. Македонската академија за науки и уметности (МАНУ) во својот состав од 45 постојани членови има само 4 жени и ниту една жена претседателка за близу 50 години постоење. – што уште еднаш покажува дека врвните академски и научни достигнувања се главно резервирани за привилегирана машка елита или како што Шејкшафт (Shakeshaft) ги нарекува „момчешки мрежи” (boys club) кои имаат за цел да обезбедат, свесно или несвесно, машка доминација на најзначајните интелектуални позиции во општеството.
Идејата дека академската професија е родово неутрална, во чии што рамки успехот се базира единствено врз академскиот потенцијал и заслуги, е одамна надминат концепт во развиените општества. Голем број теоретичар(к)и на феминизмот забележуваат дека стандардите и практиките што се користат за напредување и избор во повисока академска позиција, не може да се анализираат одвоено, без притоа да се имаат предвид родовите аспекти и поширокиот културен контекст.
Целиот текст можете да го прочитате на веб-страницата на Радио Слободна Европа.
Мартин Галевски