Студентите покажаа нешто сосема поинакво. Покажаа дека не се инфицирани од болестите што владеат. Покажаа дека знаат што сакаат, зошто го сакаат тоа, а предлагаат и начин како да се оствари тоа, пишува Александар Шољаковски за Сервисот за проверка на факти во медиумите (СПФМ).
Потребата од решенија што ќе ни овозможат да се упатиме во некоја конструктивна насока, наместо во деструкција кон која забрзано одиме, силно се наметнува. Засега, изгубени се сите репери. Не се знае кој кому треба или не треба да му верува, кој глуми, кој е реален, до каде досегнува човечката бесрамност, подидување, лажирање на стварноста… И во тој хаос се јавува нешто што може да наликува на голема и реална надеж.
Тоа се студентите кои го кренаа гласот. Тие јасно покажаа дека не сакаат да бидат како нас. Медиумите, генерално, тоа едвај го детектираа, други го ставија под сомнеж на опозициска политичка инсталација. Но, инстинктот не ме лаже! Тоа е социјален изблик кој може да почне да отвора шанси за подигнување на ова општество, кое, во блага форма кажано, е веќе одамна искривено, деформирано, болно!
Студентите покажаа нешто сосема поинакво. Покажаа дека не се инфицирани од болестите што владеат. Покажаа дека знаат што сакаат, зошто го сакаат тоа, а предлагаат и начин како да се оствари тоа. И покрај мошне скромната и несоодветна медиумска експонираност, до нас допреа пораки кои треба да се сфатат сериозно, да се запаметат и да се пуштат во живот. Пораките се дека нив партиите, во овој дегенериран облик, не ги интересираат, дека сакаат солидно образование кое не е диригирано и октроирано од политичката гарнитура на власт, покажаа дека знаат што е демократија, слобода на говор… Покажаа дека се духовити, дека не патат од авторитети. Покажуваат дека е тешко да бидат превеслани, измамени, поткупени. Тие се внимателни – дури и она попуштање (и поклонение) од Владата го примија без воодушевување, со резерва, мудро. Со надеж дека ова расположение нема да биде подземно разурнато од деструктивноста на партијата на власт.
„Студентски пленум“ се претвори во прва вистинска, отворена трибина на граѓанска Македонија во која нема место за партии, демагози, инсталирани студентски полтрончиња, диригирани професор(к)и. Иако медиумите им посветија само минорно внимание, нивниот глас, став и пораки оставија силен впечаток за демократски ориентираното граѓанство. Со „окупацијата на факултетите“ дадоа нова димензија, нов пристап и тежина на јавно искажаниот револт од состојбите во земјата, не само за образованието. Се покажаа подготвени да слушаат сè што е конструктивно, искрено, умно, а ги отфрлија обидите за манипулација и за кокетирање со нив.
ВНЕСЕТЕ МАЛКУ СВЕЖИНА ВО ЗАКОРАВЕНИОТ МЕДИУМСКИ ПРОСТОР
Медиумите можат (мораат!) да одиграат голема улога во обновата на болното општество. Затоа на оваа нова сила мора да ѝ се даде простор, време и искрен пристап во нив. Во дебатите, наместо оние инструирани политбирократчиња од партиските и од државните структури, повикајте ги овие млади надежи кои очигледно имаат што да кажат, да прашаат и да порачаат. На секој повикан министер во дебатните емисии, спротивставете му некој од студентите. Емисиите ќе ви бидат поинтересни, а и гледаноста сигурно ќе се зголеми. Ако ништо друго, ќе внесат свежина во закоравениот манир на фингираниот парламентаризам. Внесете малку свежина во закоравениот медиумски простор. Од нив ќе учите кои се стварните теми на ова општество. Еве ви, тука има теми за истражувачко новинарство кое толку го милуваат по медиумите.
Ова, секако, не се од оние млади кои избрале кариерата, професионална и животна, да ја прават со лепење плакати и со додворништво кон лидерите. Тие не сметаат дека во животот се успева со партиска книшка. Тие се над тоа. Ја надминале фазата на примитивното купување на човечката душа. Не патат од хиерархизирана стравопочит. Тоа не се николатодоровци, горданајанкуловци, спирористевци, милејанакиевци. Имаат една предност – тие имаат свое мислење и за него се борат. Идеолошкиот, партискиот, националистичкиот опортунизам (сè уште) не ги заразил.
Затоа на студентите треба да им се даде шанса. Или, поточно, тие за тоа самите се изборија. Затоа, да се слушнат, да влезат во нашиот секојдневен живот, не како запоседнувачи на факултетите, туку како свежина, како кислород за ова задушено општество. Дајте им шанса, подржете ги нивните идеи, мислења и одајте им признание за начинот на кој се борат за сопствениот став.
НЕ ОБЕСХРАБРУВАЈТЕ ГИ СО МЕДИУМСКА ИГНОРНЦИЈА
И покрај сите наши напори, сè уште не сме успеале да направиме од нив своја лоша реплика. Дајте им добри примери на доблесни, достоинствени луѓе. Не нудете им ги за пример овие кои владеат- сè уште млади, а веќе опортунисти, демагози и лажговци, кои политиката или не ја разбираат или ја ставаат во функција на себепромоција и на збогатување. Тие се лошите примери. Како и сите оние кои својата иднина ја гледаат во некоја државна синекура, полтронска позиција, без став, без мислење.
Не обесхрабрувајте ги со медиумска игноранција. Немојте од нив да направите модерни нихилисти кои ќе бидат присилени да бараат излез во некој друг свет, како што тоа го направија нивните претходници кои сега талкаат во потрага по среќа. Не ги жалам, зашто тие сигурно ќе се снајдат многу добро и во белиот свет, но штетата е наша. Затоа, посветете им посебно внимание зашто тие се клучниот фактор кој ќе ја изгради оваа земја, како здраво општество на слободни луѓе. Само тие ќе изградат подобри болници од овие што ние ги направивме. Само тие можат да ја сменат понижувачката референца: „земја со најмали плати во Европа“.
Не се плашете од тоа дека вашите налогодавци ќе ви забележат за нивното присуство во весниците и во програмите. Тие сè уште нив не ги сфатиле сериозно. Кога ќе го сфатат тоа, ќе биде доцна. За среќа!
Како додаток: по жестоките студентски демонстрации во Париз и во Франција во 1968 година, учесниците од овие процеси станаа водечки личности во француското општество. Постојат сериозни оцени дека тие биле движечката сила која ја преобразила Франција во многу домени.