Добро е да се има компании, но да се прашаме кои млади ќе работат во овие компании, кога тие си заминуваат од земјава со цел за подобар стандард и живот. Младите не се враќаат така лесно назад за работа од 150 евра месечно и да трпат мобинг од нивните претпоставени, ппишува Рубинчо Аризанкоски во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.
Ова е моја прва колумна за Радио Слободна Европа за оваа година. Се проценува дека годинава ќе биде многу турбулентна за сите граѓани на Македонија. Како изборна година треба да знаеме дека политичките актери мора да се насочат кон остварување и подобрување на граѓанските права на секој поединец.
Воедно, секој слободен ум во оваа земја може да заклучи дека проблемите не се решаваат со волшебно стапче, затоа што ако имавме стабилна власт тогаш ќе имавме помалку проблеми и потреби. Но, не е така. Во чудесна Македонија се уште имаме многу нерешени работи во полето на социјалната и здравствената заштита, голем број на случаи по основ на дискриминација, недоволна правна безбедност на граѓаните, образование кое не знае кој пат да го фати, и сл.
Моменталната ситуација во општина Прилеп не е многу сјајна. Проблемите многу лесно може да се лоцираат. Најголем проблем се уште останува невработеноста и покрај сите најави и програми за вработување.
Затоа, во очи на православниот празник Св.Василиј Велики во ТИРЗ-Алинци во општина Прилеп се удри камен темелник на новата германска инвестиција „Акомпласт“ од страна на Владата на Република Македонија. Компанијата ќе овозможела 150 вработувања со инвестиција од три милиони евра. Ова стана пракса каде Владата отвора разни компании од производство на чипс, па сè до делови за потребите на автомобилската индустрија. Германската компанија е втора на листата после американската „Гентерм“. И двете компании беа најавени од страна на премиерот во оставка Никола Груевски на неговиот фејсбук профил.
Добро е да се има компании, но да се прашаме кои млади ќе работат во овие компании, кога тие си заминуваат од земјава со цел за подобар стандард и живот. Младите не се враќаат така лесно назад за работа од 150 евра месечно и да трпат мобинг од нивните претпоставени. Дали знаат лицата од извршната власт во оставка дека младата популација од Прилеп се иселува, што значи дека на мака ќе бидат овие компании да најдат работници и покрај сите дадени услови и бенифиции од страна на Владата и локалната самоуправа.
Во овие десет години се донесоа многу програми, правилници и разни стратегии од различна дејност кои се направени за подобрување на условите и квалитетот на живеење на граѓаните во оваа земја не се доволно имплементирани. Многу закони и подзаконски акти кои се донесени од највисокиот орган на земјата исто така недоволно се имплементираат. Дел од нив се спроведуваат, но добар дел не може ни да отпочнат со спроведување. Дали законодавецот некогаш си поставил прст на глава и да си одговори на прашањето зошто законите се спроведуваат парцијално, кога сите ние придонесуваме и живееме во оваа земја.
Затоа, слушајте го гласот на своето срце и бидете хумани, променете го правецот околу себе. Не пропаѓајте во сопствената немоќ и не им се препуштајте на негативните чувства и влијанија, затоа што, тоа сте Вие!