Нека овде ми биде дозволено стручно да спорам со уставните судии, провоцирајќи ја нивната професионална етика, граѓанска свест и човечка совест, бидејќи „она што е личноста за поединецот, тоа е уставот за општеството“.1 Притоа, јас не би им го поставил Раселовото прашање „Како“ – како тие ги носат одлуките?, туку Шопенхауровото прашање Зошто – зошто, по ѓаволите, постојат во нашиот правен систем?
д-р Димитар Апасиев
Всушност, јас ја проблематизирам нивната комотна и неодговорна позиција, јавно прозивајќи ги за тоа што се ставија во улога на уставотворци и законодавци, па преку нечесно изигрување на правото дозволија Претседателот на Републиката повторно да може да помилува педофили, нарко-дилери, терористи и изборни местачи.
Уставното судство е нашето најголемо правно наследство од социјализмот
Во светската правна теорија и пракса, уставното судство се смета за најголемо правно откритие по Првата светска војна. Првиот Уставен суд е воведен во Австрија (1920), под силно влијание на прочуениот претставник на нормативизмот Ханс Келзен, познат по својата „Чиста теорија на правото“.
Кај нас, прв пат, Уставниот суд е воведен за време на Југословенската федерација, со Уставот на СРМ (1963). Југославија е првата комунистичка земја која воведе уставно судство! Најзаслужен за продорот на овие прогресивни идеи е легендарниот професор од Правниот факултет во Белград д-р Јован Ѓорѓевиќ, брилијантен ерудит, основач на Меѓународното здружение за уставно право и личен пријател со револуционерот Че Гевара.
Како што умесно забележува еден од нашите најеминентни конституционалисти, проф. Светомир Шкариќ, чијшто ментор е споменатиот проф. Ѓорѓевиќ, специфичната вредност на оваа значајна институција е тоа што Уставниот суд на РМ е четврта власт, односно орган кој стои надвор од вообичаената тријалистичка поделба на државната власт (законодавна + извршна + судска). Впрочем, тој не е суд, иако номинално се нарекува „суд“! Затоа во уставното судство немаме инстанционо судење, оти Уставниот суд е прва и последна инстанца, т.е. неговите одлуки се конечни и извршни и не подлежат на понатамошна проверка од повисок суд. Примарно, тој не суди конкретни случаи, туку постапува во апстрактни спорови – не меѓу граѓани, туку меѓу прописи.
Судократијата е противуставна
Од моментот на воведувањето на уставното судство до денес, сè уште нема валиден одговор на прашањето кое во 1971 година го поставил американскиот професор по уставно право Мауро Капалети: „Кој нас ќе нè чува од чуварите на Уставот“? Засега, најприфатлив одговор дал јапонскиот професор Јоичи Хигучи, кој вели дека најдобриот заштитник од судократијата е „интелектуалниот и научниот профил на судијата“.
Злоупотребата на правото од страна на оние на кои им е доверено неговото чување преминува во штетна судократија – кога судот си ја припишува улогата и на уставотворец/законодавец – што, пак, е мошне опасна појава во едно „транзициско општество“, особено кога станува збор за сервилни судии кои се под просекот и со еродиран морален хабитус. Наместо правна елеганција во нивните образложенија, гледаме вообразена ароганција во нивните постапки – противправно исклучувајќи ја јавноста од седниците, согласно дадените „инструкции“ од претседателката на судот!?
За жал, и покрај тоа што нашиот Устав им дал најдолг, деветгодишен, мандат на овие судии – сакајќи така да ја осигура нивната независнот и непристрастност – мислењето на стручната, но и на лаичката јавност е дека денешниов е најслабиот персонален состав на македонскиот Уставен суд во неговата полувековна историја! Колку ли само бедно изгледаат празните чиновнички биографии на некои од сегашните „истакнати правници“ со скромен правнички капацитет и никаква ерудиција, кога ќе се споредат со некои од поранешните уставни судии од времето на „тоталитарната“ и еднопартиска СФРЈ. Замислете ја споредбата на овие тесногради бирократи – кои наместо медијатори, станаа генератори на државната криза – со широчината на поранешните уставни судии, меѓу кои се вбројуваат доајените и научните великани од типот на Иво Пухан – професор по Римско право,Евгени Димитров – професор по Уставно право, Асен Групче – професор по Граѓанско право,Димитар Поп-Георгиев – професор по Облигационо право, Владимир Митков и Ѓорѓи Цаца – професори по Уставно право, Тодор Џунов – професор по Меѓународно приватно право и др.
Судиското незнаење на петтемина „истакнати правници“
Уставните судии не се професионални судии од кариера и затоа за нив не важат посебните услови за избор на судија од системскиот Закон за судови (2006). Тие не ни одлучуваат на ист начин како судиите во редовните судови – врзани се само со Уставот, а не и со законите.
Кога говорам за македонските прилики, јас намерно одбегнувам да ја употребувам синтагмата Уставен суд на РМ – оти тој, навистина, не постои! За ова имам оправдување во радикалното стојалиште на една правна школа, наречена јусреализам, која вели дека судовите се само згради, а судиите се тие кои носат пресуди. Со тоа, претставниците на ова учење сакаат да го стават акцентот врз „креативноста, промисленоста и луцидноста на разборитите судии“ (elegantia iuris) при толкувањето и креирањето на правото.
Се чини дека проф. Ван Кенегем, во својата книга Историски вовед во Западното уставно право, го има поставено суштинското прашање: „Па добро, еве, запрашајте се каква корист имаме ние од судиите, ако тие можат да бидат принудени да се сложат со неправичните барања на власта?“.2 Токму ова прашање како да е адресирано до овие наши пет „истакнати правници“ кои експресно гласаа ЗА укинување на измените на Законот за помилување. Речиси сум убеден дека тие не ни знаат оти етимологијата на зборот устав доаѓа од старословенскиот јазик, видливо од српско-хрватскиот глагол[за]уставити = „да се запре“. А што да се запре, освен моќта на политичарите и државните функционери. Да се запре Власта – тоа е суштината на Уставот! Ако нема запирање на власта, тогаш не постои ни устав во материјална смисла, туку само пишан текст врамен во тврди корици и објавен во службен весник.3
Правната херменевтика бара углед, кредибилитет и ерудиција
Науката за толкување на пишаниот збор се нарекува херменевтика. Ханс Гадамер вели дека за да толкуваш, мора да го знаеш, спознаеш и осознаеш предметот кој го толкуваш. Станува збор за правна интерпретација на искуството изразено низ зборовите: „Ние живееме и умираме за зборови; ние создаваме и убиваме за зборови; водиме војни и креваме револуции за зборови“!
Според германскиот професор по државно право Теодор Маунц, треба да се толкува „волјата на уставот“, а не „волјата на уставотворецот“, оти, понекогаш, толкувачот може и подобро да го протолкува уставот, отколку неговите автори. Притоа, толкувањето на уставот без оглед на тоа кој метод се употребува т.е. дали граматичкиот, системскиот, нормативно-правниот, историскиот или телеолошкиот – не значи креирање нови норми, туку појаснување на постојните преку нивна интерпретација и адаптација, со цел олеснување на нивната примена. Тоа овозможува заштита од пречесто менување на уставните норми, бидејќи на тој начин тие не се скаменуваат, туку се прилагодуваат на општествениот контекст и на живиот социјален реалитет.
Затоа, проф. Роберт Шутце, во неговото дело Европско уставно право, вели дека толкувањето на правото е сместено некаде помеѓу науката и уметноста. Тврдењето дека уставните судии не вршат толкување, туку само применување на Уставот и дека него „никој не може да го толкува“ не е ништо друго туку правење фетиш и религиозна реликвија од него, бегање од обврската тој да се објективизира и непосредно да се применува и негово свесно оддалечување од граѓаните, како носители на народниот суверенитет.
Собранието носи закони, а Претседателот – укази
Главната „причина“ за укинување на рестриктивните измени во Законот за помилување е наводната повреда на начелото на поделба на власта, кое кај нас е издигнато на ранг на темелна вредност на уставниот поредок. Демек, парламентот задирал во изворните ингеренции на шефот на државата!? Но, толкувањето на законската одредба која беше предмет на оценување и нејзиното подведување под лупата на уставната норма покажува дека тоа, едноставно, не е така.
Самиот Устав на РМ (1991), набројувајќи ги овластувањата на Претседателот на државата, вели дека тој, меѓу другото, „дава помилувања во согласност со закон“ [чл. 84, ст.1, ал.9 од УРМ]! Оттука, бидејќи единствен надлежен орган за носење закони кај нас е Собранието на РМ, не може да е противуставно тоа што Собранието во 2009 година, користејќи ја својата иманентна и оригинерна уставна надлежност, донело специјален закон, според кој го регулира, доуредува и притоа го ограничува правото на Претседателот да дава помилување само за одреден тип на кривични дела, којшто законодавецот – во дадениот историски момент – ги оценил како поопасни за заедничкиот живот на луѓето од останатите јавни деликти. Да не заборавиме, станува збор за Претседател на демократска република, а не за Крал во апсолутна монархија кој самоволно и арбитрарно би ги аболицирал или помилувал и најтешките криминалци, без никому да полага сметка за тоа.
Со други зборови, одлуката на уставните судии ќе беше исправна само ако нашиот Устав не прецизирал дека помилувањето се дава „во согласност со закон“, туку по дискреционо и лично видување на Претседателот. Но, при вака формулирана задолжителна правна норма секој добар правник, а верувам и самиот Претседател на РМ кој е професор на Правен факултет, ќе ви каже дека тука нема простор за никаква правна дилема. За жал, има простор само за „византиските игри“ во кои учествуваат и некои од нашите уставни судии.
1. Philip Allott, Eunomia – New Order for the New World, Oxford University Press, USA, 2001.
2. Р. Ш. Ван Кенеген, Вовед во Западното уставно право, Табернакул, Скопје, 2010.
3. Светомир Шкариќ, Научно толкување – Устав на Република Македонија, Култура, Скопје, 2014.
*Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.