Веќе седум години во повеќе наврати збунети ученици, поспани студенти (среде сесија), возбудени пензионери и сироти државни службеници без да помислат на последиците учествуваат во проект со кој тие мислат дека ќе ја заштитат животната средина и својата иднина.
На Денот на дрвото не се садат само дрвја, туку се губат часови, се уништуваат автохтони станишта, непотребно се прекопува земјиштето, а згора на сето тоа се кршат и неколку закони и законски акти.
На Денот на дрвото низ Македонија се садат садници од аризонски чемпрес или слични иглолисни видови кои се алохтони или нетипични за Македонија. Со тоа се крши Член 25 од Законот за заштита на природата кој нагласува дека е: Забранета интродукција на неавтохтони видови на територијата на РМ. Понатаму со овој проект се крши и Член 26 кој прецизно наведува дека се забранува намерна интродукција на неавтохтони видови и предлага во ваква ситуација ресорниот министер веднаш да понесе мерки за отстранување/уништување на овој вид. Но, кај нас наместо да го отстрани , министерот најчесто се појавува со лопата или го полева ова дрво.
Но и овде не е готово. Не е проблемот само со алохтоните видови, туку со и уништувањето на природните и типичните станишта за Македонија со што се крши Член 12 од Законот во кој се забранува уништување на биолошката и пределната разновидност. Со садење неавтохни видови се создаваат истовидни шуми кои се карактеризираат со мал биодиверзитет, се зголемува можноста за шумски пожари, се зголемува можноста за ширење на растителни болести, непотребно се трошат водните ресурси за наводнување на новите садници и се уништуваат веќе постоечки природни живеалишта на животните.
Садењето дрвја не е нешто ново во Македонија, но ваквиот начин и причина се сè, само не рационални. И пред околу половина век постоеле вакви големи акции за пошумување, но потребите биле конкренти и понекогаш решенијата биле единствени. Се пошумувале делови во форма на појаси околу сите магистрални правци со цел заштита на патиштата од ерозија на земјиште. Потоа се саделе таканаречени ветробрански појаси со дрвја за да се заштитат земјоделските насади во некои ветровити подрачја, пример за тоа се пошумувањата во Овче Поле и Пелагонија. Честопати се саделе дрвја за заштита од ерозија, кои потоа биле користени од националната индустрија за суровина, како на пример садење тополи по каналите на Вардар за потребите на фабриката Треска…. Но, ништо слично на ова денеска. Популизам и деградација, и на ум и на природа.
И можеби врв на изјавите за потребите на проектот Ден на дрвото беше онаа „Срамота е гол рид да остане!“ Абе пријател и треба да остане. Убав е зошто е гол. Гол е и така е природно. Исто како да рече некој шеик за Сахара: „Абе пуста е, треба да ја поплавиме!“
Наместо непотребно и нерегулирано садење, потребно е прекинување на праксата на постојано и непотребно сечење дрвја особено во урбаната средина. Не е ова математика. Едно исечено и едно засадено дрво не е еднакво.
На крајот целата морална порака за овој проект е погрешна. На што ги учиме децата? Загадувај колку сакаш, едно дрвце ќе ставиш и готово, си ја изми совеста? Не знам зошто, но ова како да се претвори во еколошка капела: Наместо две „Аве Марии“ и чист си, две борчиња и ич да не ти е гајле!
Кирил Пржо