Колумнава е долга, и лична. Зошто треба да се гледа од контекст и перспектива. Јас гледав однадвор. Групите на отворени, општествено активни и одговорни граѓани ми се домот и татковината. А чуствувам дека ми се губи сликата за нив во Македонија. Без нив револуција нема.
Од кога знам за себе, во Македонија немало слободен воздух. Да имало, нема се уште да ги паметам стегнатите гласови на мајка ми и татко ми кога разговарале како да се протера месецот. Ниту пак воздишките на пријателите, деца на транзицијата, кои сонуваа за странство бидејќи државава тука немаше да ја биде. И јас сонував за странство, за да дишам. Работев во НВО за странството да ми е избор, а не нужност, за една нова генерација да изгради подобро општество. Во 2008 ми се јавија од централата на ВМРО ДПМНЕ на приватен телефон. Некој пријател ме ставил на листа, па да потврделе дека ќе гласам за нив. Во 2009 заминав на постдипломски во странство со надеж дека никогаш нема да се вратам, и никогаш нема да бидам на нечија листа. Во 2011 плачев од Германија за Мартин Нешковски. Се прашував, можно ли е да убија дете и да криеја.
Помеѓу 2012 и 2014 бев често во Египет и Тунезија, работно. Одблизу гледав како млади луѓе се трудат победата од улиците да ја пренесат во институциите, и како полека се гаси жарот на арапската пролет во пресрет на старо-новите политички реалности, закоравените системи и монополи на моќта. Во Македонија многумина веќе се имаа откажано од демократијата, а и од достоинствен живот. Уште повеќе се имаа отселено. Кежо отиде во притвор. Новинарите се солидаризираа, но немаше новозапишани студенти по новинарство на Правен. Дедо ми се уште купуваше билет во ЈСП од солидарност со студентите, а навечер шеташе на кеј. Повеќе не играше шах со пријателите во парк. Многу се карале за политика. Јас доаѓав во Скопје. Ама низ центар не ми се поминуваше. Ги прашував моите пријатели како се. Раскажи ти, велеа.
Во 2015 мирисаше на пролет и во Македонија. Гоца, Миле, Зоки, Мијалков, Џафери, Ахмети веројатно не ни насетувале дека ќе чуеме како ни го земаат кислородот во изминативе години. Студентите веќе имаа застанато во одбрана на универзитетот. На 5-ти мај пак плачев во Берлин, и за прв пат после шест години посакав да бидам на улица во Скопје. А во Скопје на улица полицијата тепаше. Овојпат имаше докази дека убија дете без причина и лажеа без скрупули. Зоран Заев со треперлив глас ги најавуваше бомбите. Трепереле сигруно и останатите што собирале докази за да го демаскираат режимот. Треперев и јас на 9-ти мај кога се прашував дали ќе ја спасуваат власта со нов меѓуетнички конфликт.
Како така одеше. Храбри луѓе одвреме навреме успеваа да си ги голтнат и суетите, и стравот. Дури и партиите ги симнаа знамињата на 17 мај 2016 и излегоа со граѓаните. Македонско, албанско и ЛГБТ знамиња се вееја заедно. Се градеше СЈО. Три жени го тресеа системот со Титаник, Тврдина, Трезор. Граѓаните се охрабрија. Системот удри посилно. Претседателот си ја злоупотреби моќта. Загаден беше не само воздухот, но и бојата која револуцијата ја остави на улиците на Скопје мирисаше на шарено. Грдилото низ центар повеќе не ми пречеше. Се уште гушеше индиферентноста на народот кој не го дочу или не се вознемири од криминалот, омразата која се сееше од Латас, Миленко и Мирка низ медиумите и ароганцијата на власта која немаше намера да се повлече. Јазот меѓу народот се продлабочуваше. Патриоти и предавници. Помеѓу предавниците помали и поголеми грешници. Големите беа од НВО. Невистински револуционери. Работа за плата и СиВи. Имало и безгрешни, на кои не им треба работа за живеење и без лични амбиции за развој и напредување. Не разбрав кои се со име и презиме, ама ги имало.
Во ова време ми се плачеше најмногу, ама немав ниту солзи ниту воздух. Се прашував, како стана Македонија земја во која нема простор за нормален живот. Во која секој граѓанин смее да се прозива со име презиме и бројки од даночната изјава на телевизија. Во која е срамно да си од НВО. Во која е срамно да формираш нова партија и да имаш поинаква политичка идеологија од мејнстримот. Во која треба да се извинуваш на сите безгрешни за се што си бил и правел во животот, затоа што си заработувал плата од која се живее. И која треба да ја заработуваат сите. Затоа што се кандидираш за во Парламент. Не разбирав како професионалниот ангажман и амбиции за иднината се во конфликт со револуцијата. Се прашував и јас дали треба да се срамам дека сум отишла во странство за да си ја барам среќата и за да одам на доктор без страв дека ќе излезам поболна и посиромашна. Се прашував срамно ли е да коментирам на Фејсбук, бидејки не сум на улица. Сето ова додека некои други јаделе бизон и купувале дизајнерска облека со државни пари. И не се срамеле.
Во декември 2016 земав воз за Минхен, за да гласам. Се прашував има ли шанса. Мислев на Тамара. На македонските бегалци кои ги среќавав во болници и полициски станици во Германија каде им преведував. На скршен образовен систем. На сиромаштија. Рекордна излезеност го отвори патот за уривање на режимот кој удираше со последни сили. По меѓуетничките односи, по предавниците, по меѓународната заедница, по НВО-ата; овие притиснати и парализирани со секојдневни инспекции од УЈП. И конечно режимот удри физички и по народот, тепајќи ги нивните претставници во Парламентот. По втор пат во овие десет години. Само овојпат имаше повеќе крв и закани по живот, а немаше полиција. Така удира само режим што знае дека умира. Јас се издишав; немаше други мртви освен режимот.
Декември е 2017. Македонија не е во вонредна состојба, ама не е ни во нормална. И ќе остане така уште некое време. Режим се урива и преку ноќ, ама систем се трансформира со години. Ќе има ли правда до крај и за сите? Ќе ни олесне ли додека гледаме како ги апсат на телевизија? Ќе ни се вратат ли младоста и соништата? Ќе биде ли некој од големите казнет? Ќе бидат ли оние што беа партнери на режимот, а се уште се во Влада? Ќе помине ли сето без дестабилизација? Поинаква ли е новава Влада или криминалот, корупцијата и непотизмот ќе не држат заробени? Има ли Владава вистинска воља и капацитет за реформи? Има ли експерти што ќе ја советуваат? Има ли граѓанско општество што ќе ја држи одговорна? Ќе останат ли граѓаните будни да ја чуваат револуцијата? Ќе има ли леб за да може да се радуваме и на воздухот?
Во време кога Европа се соочува со напад на демократиските вредности и многу социјално, економски и политички посилни општества се под закана на националистчко-популистички парти, она што се случи во Македонија во последниве три години ми личи на херојски чин. Храброста и отпорноста што ја покажаа граѓаните ми вели дека Македонија има огромен потенцијал да се врати на стабилни нозе, да изгради отворено општество и да биде не отпадок од Европа, туку движечка сила за европски вредности во турбулентни времиња. Треба барем за момент да заборавиме на несигурноста, да се разбудиме од збунетоста, да земеме здив и да си честитаме. Себе си, и на секој еден кој барем еднаш излегол на улица и на оние кои барем потајно и тивко се радувале на секоја извикана парола “држава полициска“, и нам кои од далеку сме споделувале #Протестирам, на секој кој барем еднаш одбил послушност на режимот, на секој кој се покајал што не се спротиставил порано. На секој кој собира храброст да ги стори тоа сега. Затоа што револуцијата се уште трае.
Револуцијата трае, но сега е тешко да си ги најдеме улогите во Влада, во медиумите, во граѓанските организации. Ако затреба и на улица. Тешко е, бидејќи полесно е да се биде против. Смешно е да тврдиме дека нешто се сменило и сега е состојбата нормализирана. Ама растегнати во разговорите дали се овие исти со ВМРО или не, забораваме ние кои сме. Додека Владата се формра и обидува да менаџира систем во кој работат истите кадри кои протестираа за сендвич, а можеби и тепаа во собрание, ние пак си ги гледаме СиВи-ата, сметките, и кој е најсмешен на Твитер. Полни се социјалните мрежи со докажување кој уште од кога, и колку искрено протестирал. Има и такви кои се покајуваат, како да стоеле за некој друг на улица и за нешто што не им се исполнило, а не за себе и своите убедувања за кои денес треба да продолжат да работат. НВО-ата трчаат да се покажат дека се непристрасни. До вчера заедно на протест со опозицијата. Сега дел од нив изгубени и без ориентација. И јас сакам нешто да направам. Ама не знам што. А револуцијата треба да се дозаврши.
Неколку луѓе од граѓанското општество и медиумите станаа дел од институциите. Сега овие се меѓу највиновните. Не се интересни биографиите на првата жена Албанка која стана градоначалник во Арачиново, на министерот за надворешни кој ужива огромна поддршка во Европа и пошироко. Не се интересни ниту биографиите на катастрофалните кандидати (да, тука мислам и на кандидатите од СДСМ) кои станаа градоначалници или добија други политички функции. Првото уште не можеме да го разбереме, а на ова второво сме се навикнале во политизирана непотистичка држава, тоа а ОК. Ама млади луѓе од НВО, од медиуми, кои од улица влегле во Влада или Парламент и се трудат да работат на еден нов терен, терен на ниска политичка култура, малку професионална администрација, тие ни пречат. Им пречат сигурно и на политичките кадри, бидејки им ги зеле “ветените” позиции, но особено нам, бидејќи протестирале „за колачот“. Дел од нив напуштија подобро платени позиции, се откажаа од слободното време и нормален живот за да влезат во калта и да ја продолжат борбата. Не, не сакам да ги претставам како пожртвувани. Бидејки не се. Бидејќи се луѓе со амбиции, некои и со големи ега, и сигурно им е чест да работат во Влада. Би ми било и мене. Можеби некои си градат кариера, контакти. Си градам и јас таму каде што работам. Исто како и сите вие. Бидејќи сите ние треба да градиме нормален живот. И нормална држава. Во која се дише слободен и здрав воздух.
Клучното време за Македонија не е поминато, туку допрва доаѓа. А се уште ми е страв дека моите родители нема да може да остарат во мир и спокојство и дека пријателите нема да можат да си ги растат децата во просперитетна и демократска држава. Страв ми е дека ние од странство нема да помислиме да се вратиме. Страв ми е дека целите на револуцијата нема да се остварат. Но, има надеж. Само треба револуционерите да се исправат, да ја тргнат прашината од себе, и да продолжат. Оние со незадоволени амбиции за политика да си влезат во политиката, во постоечките партии кои плачат за реформа; или нека си основаат нови. Сите што мислат дека колачот е во Влада нека ги понудат сопствените капацитети и знаење во служба на јавната администрација.
Потребата можеби е поголема од бројот на достапни СиВи- а. НВО-ата да си направат нови стратегии. Прво да се свртат кон граѓаните и да ја вратат изгубената доверба. Потоа да се свртат кон Владата, да нудат предлози и концепти што носат решенија за проблемите на граѓаните, да вршат протисок, но и да дадат поддршка за имплементација. Се разбира, да останат будни и да критикуваат, да бараат системски решенија и правичен ситем. Да работат за да се створи отворен систем во кој никогаш повторно нема да бидат под закана затоа што постојат. Бидејќи револуцијата постои само во прво лице ќе треба и јас да си ја најдам улогата. Можеби е време ние од дијапсората да изградиме нов наратив за Македонците во странство. Младата генерација на преселени можеби не е финансиски моќна или конзервативно-патриотска. Но имаме поинакви погледи, знаења и контакти, и можеби енергија која може да придвижи нешто кон подобо. Можеби има и такви меѓу нас, револуционерите, кои се се уште преморени и огорчени. Нека се одморат, и нека се вратат што поскоро, со нови сили и идеи, со погласни критики и посилни барања. За да живее револуцијата. За да не биде. За да се дише.
Од Берлин за Радио МОФ, Ана Бојаџиевска