Минатата недела наидов на неколку вести од областа високо образование кои што обработуваа настани од типот “намалување на вредноста на дипломата”. Информацијата која ќе ја образложам подолу не е директно поврзана со овој проблем, но е поврзана со тоа како е уредено високото образование, какви граѓани произведува и кој се може да го издржи притисокот на високо обрзовната институција.
Универзитетот во Утрехт веќе неколку последователни години е прогласуван за прв најдобар универзитет во Холандија, и се движи помеѓу топ 15те во Европа. Поканува диверзитет на студенти кон студиите што ги нуди, но тој сепак останува еден од понационалните универзитети во државата, односно сеуште таргетира студенти кои средното образование го завршиле во Холандија. Во последните неколку години управата на оваа институција почнала да забележува покачување на стапката на студенти кои се откажуваат од студиите во првата година и зголемување на бројот на учениците кои не се трудат да го достигнат максимумот во своите студии и се водат по принципот “па само да положам”. Ваквите резултати почнале да стануваат загрижувачки во последните неколку години, па управата решила да се справува со овој проблем преку процесот Matching.
Што е matching? Како што кажува и самиот наслов на процесот (одговара, спојува) тој е наменет да одлучува дали некој е соодветен за програмите кои ги нуди универзитетот. Преку програмата што овој процес ја предвидува, холандските средношколци кои се пријавиле на одредени студии во универзитетот се поканети да присуствуваат на вистинско предавање, да поминат вообичаен студентски ден како дел од програмата што ја одбрале и да полагаат дел од испит каков што би добиле доколку вистински се студенти во универзитетот. На крајот добиваат коментари во форма на оценка која што им опишува каква е нивната подготвеност и способност за изборот кој го направиле во овој Универзитет. Оценката што ја добиваат не е детерминирачка за нивното примање во универзитетот, но се советува да самите тие ја земат во обзир при изборот за нивните студии и местото каде што ќе го продолжат образованието.
Со овој процес управата на Универзитетот смета дека учениците кои решиле да се запишат таму ќе имаат шанса реално да видат што ги очекува и дали ќе можат самите да се пронајдат во системот кој го подготвуваат универзитетските програми за нив. Но, од друга страна, за самиот Универзитет ова служи како филтер за студенти каде си ги издвојува напредните, и оние на кои што треба да им се посвети повеќе внимание доколку решат да ги продолжат студиите таму.
Причината поради која сметав дека е добра идеја да оваа вест се прошири и низ македонските студенти е бидејќи кај нас со години постои мислењето “мора да имаш факултет, или никако нема”, но ретко се поставува прашањето “Дали сите треба да имаат факултетска диплома?”, а дополнително и колку таа ќе ни вреди. Секако, јасно ми е дека можеби одлучувачките филтри за тоа кој ќе биде примен на факултет можеби не се меѓу топ три приоритетите кога во Македонските Универзитети владеат корупцијата, нетранспарентноста и неколку бедни студентски домови кои што со години се заборавени. Но ова е систем кој што помага во оформување на работната сила која што треба понатаму да претставува високо квалификуван капитал во земјата, и е тема што одамна чека пригода да биде дискутирана.
Системот Matching е веќе стапен во сила од оваа година, и е наменет за апликанти кои се запишуваат во академската 2013/14 и кои имаат завршено средно образование во Холандија.
Елена Мицајкова