„Умот не е брод што треба да се полни, туку оган што треба да се разгори.“ – Плутарх
Процесот на учење започнува веднаш по раѓањето. Учиме преку примери од непосредната околина, преку лични доживувања, имитираме, повторуваме, експериментираме, истражуваме, осознаваме. Учиме преку читање, пишување, дискутирање, искусување. Учиме секојдневно, учиме постојано. Ова постојано ми се потврдува низ моето професионално искуство. Желбата и потребата за нови знаења и искуства не запираат, дури и тогаш кога давам отпор, пишува Аница Димовска во колумната на ХОПС – Опции за здрав живот.
На почетокот на моите студии во областа социјална работа и социјална политика мислев дека сето она што ќе го научам за време на сите предавања, вежби и практична работа ќе ме направи социјален работник. Како поминуваа годините, така сфаќав дека е потребно многу повеќе од предавања, вежби и практична работа. Па, во потрага по знаење и искуство започнав да посетувам обуки и семинари, некои поврзани со областа на студирање, а некои од други сосема поразлични области. Кога го започнав овој процес почнав да го разбирам и значењето на учењето преку искуство, кое во тоа време го доживував преку волонтирање. Откривајќи го светот на неформалното образование, дознавав колку е тоа значајно за оформувањето на личноста на професионалецот. Со секоја обука станував сè повеќе и повеќе свесна за светот околу мене.
На секоја од обуките кои ги посетував учев повеќе отколку што се надевав дека ќе научам. Учев од обучувачите и теоријата и од практичните примери за кои тие говореа, учев од споделените искуства на другите учесници, од нивните дилеми, од моите недоразбирања и прашања, од неформалните дружења. Учев секаде и од сè. Сè уште учам. Учам кога сум во улогата на учесник на обука, кога сум обучувач или пак организатор. Сето тоа учење е уникатно, посебно и незаменливо. И сето учење ми помага да бидам богата со знаења и со искуства.
Последната обука на која учествував беше поврзана со локалната демократија согледана преку призмата на родовите перспективи. Обуката опфаќаше конкретни примери на локалните самоуправи во справувањето со предизвиците за надминување на родовата нееднаквост, а се одвиваше во неколку градови во Шведска. Покрај ова беа споделувани и примери од секој од учесниците, кои ги претставуваа земјите од Западен Балкан и од Источна Европа. За време на обуката најмногу ми оставија впечаток примерите од други држави, кои воопшто не беа ниту слични ниту пак културолошки поврзани со земјата во која живеам. Во тој момент сè ми се чинеше толку различно. Само неколку дена по завршувањето на обуката започнав да ги разбирам примерите преку согледување на примери во мојата земја Македонија. Родова нееднаквост, родови стереотипи и предрасуди, ги има насекаде. Преку оваа обука научив да ги забележувам и да ги препознавам во контекстот во кој живеам, па дури и оние кои не се директно и очигледно поврзани со социјалната работа, а сепак се многу значајни за социјалната работа.
За стереотипите и за предрасудите многу се зборуваше во текот на студиите по социјална работа и социјална политика. Како идни социјални работници учевме за спецификите на сите заедници со кои би биле во контакт во текот на нашето работење. Стереотипите и предрасудите речиси секогаш ги поврзувавме со маргинализираните заедници, ранливите заедници. Иако учевме за негативните последици од нив, немавме многу примери како конкретно да ги надминеме. За нивно надминување најмногу учев преку волонтерската работа, директниот контакт со сите заедници. Секоја волонтерска работа започнуваше со обука. Обуката се состоеше од многу информации за заедницата со која требаше да бидам во контакт, за спецификите, навиките, вредностите, потребите, како и за начинот на кој социјалниот работник треба да се однесува за да работи професионално.
Во 2005 година, последната година од моите студии, кога првпат почнав да волонтирам и ја поминав првата обука за работа како социјален работник, ми се чини дека потполно не ги сфаќав значењето и важноста на обуката. Неколку години подоцна го разбирам значењето на тоа искуство. Сите информации што ги добивав за време на обуката при волонтирањето ми овозможија полесно да ги сфатам потребите на заедницата со која работев. Првата заедница каде што имав можност да ја практикувам социјалната работа, уште како студент, беа деца со воспитно-социјални проблеми и деца сторители на кривични дела. Понатаму тоа беа стари лица, потоа деца на улица/улични деца, млади волонтери од целиот свет, корисници на дроги, сексуални работници/-чки, па сè до студенти, професионалци и донесувачи на одлуки. Сите овие заедници имаат единствени и посебни, а сепак толку поврзани потреби.
Џоди Брокинс-Фишер и Стивен Томас, во практичниот водич „Методи за здравствено образование во заедниците“, зборуваат за значењето на разликите меѓу луѓето истакнувајќи дека токму преку проучувањето на тие специфики можат да се креираат и да се спроведат ефективни програми за работа. Квалитетот на ваквите програми што навистина ќе одговорат на потребите на заедниците зависи од професионалната заднина и стручната подготвеност на лицата кои ги изготвуваат. Стручната подготвеност е резултат на сите информации, знаења и вештини кои ги добиваат професионалците преку формалното и неформалното образование и преку сите лични и професионални искуства. Особена е важноста на неформалното образование бидејќи знаеме дека формалното образование не успева целосно да ги задоволи потребите за личен и за професионален развој на младите, а неформалното образование придонесува во процесот на доживотно учење и развивање на човечкиот капитал.
Неформалното образование се спроведува преку подготвени програми што опфаќаат краткотрајни, еднократни работилници со млади и со професионалци, спроведување на конципирани модули и школи преку кои луѓето можат да се стекнат со знаења и со вештини во специфичните области што не се опфатени со формалното образование. Една од најзначајните карактеристики на неформалното образование е можноста тоа да биде спроведувано од страна на организации и на институции кои не се конституирани како образовни. Ваквите организации имаат искуство во нудење услуги и сервиси на специфични заедници и во текот на нивното работење собираат информации за самата заедница, кои подоцна ги користат во креирањето на своите образовни програми. Тоа се најчесто програми за професионално работење со заедниците, што се наменети за информирање и образување на младите кадри и професионалците. Граѓанскиот сектор изобилува со организации што нудат вакви образовни програми од најразлични области, почнувајќи од младинска работа, учество на млади во општествени процеси, работа со маргинализирани заедници, управување со човечки ресурси итн. Образовните програми, преку кои се градат капацитетите на младите кадри, се само дел од активностите што ги спроведуваат овие организации со цел дополнување на образовниот процес. Активностите што се спроведуваат во секојдневната работа на организациите, како обучување на лицата кои се ангажирани да работат, волонтерите и практикантите, сè уште се една важна компонента од образовниот процес.
Моите искуствата стекнати преку спроведување на образовни активности за дроги и сексуална работа
Како програмска асистентка за едукации во ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, во последниве четири години, имав можност да учествувам во креирањето и спроведувањето на низа образовни активности за работа со маргинализирани заедници. Преку ваквите активности најпластично може да се забележи промената во ставовите или во однесувањето кај учесниците на обуките и на школите, практикантите и волонтерите. Интересен е примерот од една од обуките наменети за професионалци кои работат на полето на дрогите, овојпат тоа беа претставници на медицински персонал, лица кои директно или непосредно се во контакт со корисници на дроги. Би помислиле дека овие луѓе – професионалци користат терминологија што не е осудувачка и стигматизирачка. Напротив, повеќето учесници на почетокот на обуката ги користеа токму термините што беа крајно стигматизирачки и преку кои на своите пациенти им испраќаа осудувачка порака. За време на обуката беше објаснето зошто е важно да се користи нестигматизирачка терминологија и како тоа влијае на односот медицинско лице – пациент преку секојдневни примери и добри искуства и практики. Само неколку месеци подоцна, на една случајна средба со некои од лицата кои учествуваа на обуката, забележав дека тие сега ги користат термините „корисник“ и „зависник“ кога зборуваат за лицата со кои работат наместо општоприфатениот назив „наркоман“, кој го користеа првобитно.
Следно од моите омилени искуства е од Летната школа за зависности. Составен дел на школата, која оваа година се одржуваше по четврти пат, се кошничките со кондоми што се користат при сесијата „Превенција од ХИВ/СИДА меѓу корисници на дроги“, а се дел и од пакетот кој учесниците го добиваат за добредојде. Секоја година учесниците кога ќе го видат овој подарок во својот пакет реагираат на најразличен начин, најчесто тоа е срам (бидејќи никој не се осмелува да земе од кошничките кога има други лица во просторијата) или споделување шеги. Оваа година, штом беа поставени кошничките, неколку учесници веднаш пристапија кон местото и започнаа да ме прашуваат во однос на видот на кондомот, правилната употреба и колкава е нивната сигурност во заштита од сексуално преносливи инфекции. Заедно зборувавме за митовите поврзани со нивната употреба, а потоа секој си зема примерок за себе, без срам и криење. Ова за мене беше уште еден показател дека преку обуките кои ги спроведуваме не само што имаме можност да пренесеме информации туку и влијаеме за промена на ризично однесување, разбиваме предрасуди и креираме атмосфера на отвореност за нови сознанија. Токму сето ова ја поткрепува смислата на моето работење бидејќи најочигледно може да се забележи моќта на неформалното образование, а тоа ме мотивира да продолжам и понатаму.
Вакви и други слични активности спроведуваат и многу други организации во Македонија и во светот и сите тие го помагаат и го надополнуваат севкупниот образовен процес на професионални кадри, а со цел формирање на одговорни, на искусни и на стручно подготвени професионалци. Тоа е придонесот што го даваат сите организации во процесот на сеопфатно образование, тие го надополнуваат формалното образование на професионалните работници преку давање искуства за практична работа, знаења за специфични области и заедници.
Чести се примерите кога лица кои ги стекнувале своите знаења и искуства преку работење во граѓански организации понатаму станале експерти и сега се ангажирани во меѓународни организации, мрежи или институции. Од разговорите со овие луѓе добивам впечаток, а и самите потврдуваат, дека целокупното искуство стекнато во работењето во организации каде што се дава предност на учењето е бесценето и дека токму тоа искуство го помогнало патот до врвовите кои сега ги освојуваат. Преку овие примери, а и многу други, ја црпам мојата мотивација за да продолжам да работам во областа образование, со сите елементи што ги подразбира тоа, и постојано ја хранам желбата за учење разбирајќи го значењето на мојата улога. Како дел од процесот на формирање стручни кадри кои се катализатори на промените во општеството и го поттикнуваат неговиот развој, и јас ја чувствувам промената не само на лично ниво, туку и во целото општество.
Аница Димовска
Авторката е социјална работничка. Дипломирала на Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет во Скопје (2002 – 2006), сега е магистрант на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“. Во ХОПС работи од 2009 година, во моментов работи на креирање, на организирање и на спроведување едукативни програми и настани како програмска асистентка за едукации во ЦЕДИ – Центар за едукација, документирање и истражување.