Младите покажуваат дека имаат желба, познавање и знаење за учество во креирање на младинските политики. Без разлика во која форма, во последните три години, активно учествуваа во изнаоѓање на креативни начини и најразнолики механизми како би можеле аргументирано и организирано да ги претстават нивните предизвици и потреби, без разлика дали тоа беше преку младински организации, неформални движења или друг тип на организирање, независно дали стануваше за средношколци, студенти или млади луѓе кои не припаѓаат на овие две категории. Успешно се снајдоа со затворените врати на институциите.
Токму затоа, време е преку соодветни амандмански измени во Законот за средно образование, училишните заедници да бидат признаени како претставнички тела на младите од страна на институциите, но најважно, од страна на училиштата. На тој начин, наместо во иднина да се создаваат Средношколски Пленуми, средношколците ќе имаат институционален механизам по кој ќе може да се движат за да укажат незадоволство, критика, потреба а притоа нивното мислење да биде слушнато директно од носителите на одлуки. Доколку училиштата ги признаат ваквите структури и им овозможат на средношколците учество во креирање и носење на одлуки и политики, тие активно ќе придонесуваат за развојот на младите луѓе и градењето на демократските процеси, како во иднина би имале политички едуцирани млади, наместо мирен и послушен народ.
Но, важно е младинското учество да не се задржи само на интерни проблеми во средните училишта. За таа цел постојат локалните младински совети. Во најбрз можен рок новата Влада треба да донесе одлука со која сите совети би биле признаени на ист начин од страна на едниците на локалната самоуправа, односно би станале тела во склоп на општините. Во моментов иако постојат локални младински совети, дел од нив се формирани како невладини организации, дел од нив се средношколски заедници, а најголемиот дел од нив немаат иста структура, ниту пак просторна и финансиска поддршка од општината. Најчесто, нивните мислења не се земаат вo предвид, ниту се прашуваат за било каква политика на локално ниво. Затоа, систематизација на истите, и нивно прифаќање од страна на општините е чекор напред во промовирањето на демократски и европски вредности за учество на млади на локално ниво. Вака младите би можеле активно да ги решаваат проблемите и предизвиците на младите во општините, во соработка со институциите.
Преку овие два типа на младинско учество, младите кои продолжуваат во високо образование, би требало да бидат свесни и совесни, да ја знаат својата моќ и да не дозволат никогаш повеќе на студентите да им се повтори СПУКМ. Во насока на СПУКМ, МОН треба веднаш да ги вклучи сите засегнати страни кои работеле на студентско организирање во изминатиот период за да може да се направи нов и поинаков модел, кој студентското претставничко тело нема да го третира како невладина организација, туку тело во склоп на универзитетите. Вака студентското организирање ќе биде заштитено, ќе мора да поднесува финансиски и наративни извештаи до универзитетите, односно да има одговорност, транспарентност и отчетност кон сите на универзитетот бидејќи е тело на универзитетот за да се спречи окупирање на печати на факултети, имање претставници кои никој не ги знае, неспроведување избори, лошо управување со финансиите и сите други проблеми кои произлегоа од СПУКМ.
Сепак, освен на локално ниво и во средното и високото образование, младите мора да се прифатат како активни чинители во општеството и да биде признаено и најголемото младинско претставничко тело во Македонија, Националниот младински совет на Македонија (НМСМ). Преку НМСМ младите ќе бидат претставени и на национално ниво при креирање на одлуки кои ги засегаат сите млади во државата. НМСМ би била мост помеѓу институциите и младите луѓе и активно би соработувала и учествувала во сите процеси кои дури и во најмал сегмент ги третираат младите. Сепак, бидејќи средношколските заедници, локалните младински совети и студентското организирање би трошеле државни финансии, логично е ова да важи и за НМСМ за телото да може фокусот да го постави на претставување на младинските потреби и решавање на младинските приритети, наместо на аплицирање на проекти.
Признаен НМСМ значи дека младите директно ќе учествуваат во креирање на Стратегија за млади, мерки за намалување на младинска невработеност, менување на закони кои ги опфаќаат младите (како студентски и ученички стандард) и активна соработка и комуникација со институции како Агенција за млади и спорт, Министерство за образование и наука, Министерство за труд и социјална политика, Собрание. Бидејќи НМСМ е членка на ЕМФ (Европскиот младински форум), младите ќе бидат претставени и на европско ниво.
Последното, но не и најмалку важното младинско учество го создадоа и потпишаа земјите од Западен Балкан и го нарекоа Регионална канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан (РИКО). Оваа канцеларија ја управува Управен одбор кој треба да одредува стратешки и приоритетни цели, да распишува грантови и повици за младински организации, да нуди размена и простор за соработка на младите од овој регион. Сепак, изборот за младинскиот претставник на Македонија во Управниот одбор заврши траги-комично, односно гласаа неактивни организации, фалеа потребни документи на кандидатите, беа прифаќани апликации по истекувањето на рокот, а гласаа и претставници на институции иако тие имаат сопствен претставник. Затоа, Агенцијата за млади и спорт во најбрз можен рок мора да го поништи изборот и да даде поддршка на НМСМ во организирање на нов избор за младински претставник. На овој начин, на младите од Македонија ќе им се овозможи и меѓународно младинско учество преку кое ќе може да прибираат искуства од младите од другите земји, да учествуваат во младински размени, а нивните потреби да бидат застапувани и на регионално ниво.
Време е младинските претставнички тела да бидат признаени, наместо опструирани и етикетирани од страна на државата. На тој начин младите ќе бидат вклучени, а институциите ќе може во соработка со младите да креираат посоодветни политики кои ќе одговараат на потребите и навистина ќе ги решаваат постоечките проблеми. Наместо противници, младинските тела и институциите треба да станат сојузници во подобрување на младинското учество и организирање. А новата Влада треба сериозно да ја сфати поговорката „На младите останува иднината“ и наместо да ги опструира и девалвира, да дозволи младите да бидат иднината.
Александра Филипова, Управен одбор на Национален младински совет на Македонија НМСМ