Охрид во изминатиот период беше посочен како подрачје под голема закана, наречен европски Галапагос од неколку светски медиуми. Зарем светот треба да не убедува за значењето што го поседува Охридското Езеро?
Пишуваат: Магдалена Петкова и Кирил Пржо
Во последнава година јавноста е разбранувана со бомбастични најави за уредување и инфраструктурни промени на охридското крајбрежје, со што наводно би се подобриле и унапредиле туристичките понуди на регионот. Се најавуваат и планираат огромни туристички комплекси, ресторани, луксузни марини и паркови со базени апсолутно неадекватни за постоечкиот пејсаж. Проектите во себе содржат огромна можност за неповратно уништување на Охридското Езеро и неговото крајбрежје.
Новите планирани мегаломански туристичко-инфраструктурни проекти предизивикаа лавина од прашања околу управувањењето и заштитата на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица кај локалните екологисти, кои најдобро го познаваат регионот и проблемот.
Најавите за промени на охридското крајбрежје побудија интерес и кај меѓународната јавност и медиумите. Охрид во изминатиот период беше посочен како подрачје под голема закана, наречен европски Галапагос од неколку светски медиуми. Со тоа се покрена прашањето: Зарем светот треба да не убедува за значењето што го поседува Охридското Езеро?
Зошто е значајно Охридското Езеро?
,,Незаборавен е впечатокот што се добива при првата средба со Охридското Езеро, човек би рекол дека пред себе има едно парче море истргнато од океанот и фрлено меѓу недостапни планини што го опкружуваат од сите страни. На Езерото навистина му одговара името – македонско слатководно море и тоа не само по топлата сина боја, која остава впечаток на море, туку и по својата големина“. Вака познатиот биолог Синиша Станковиќ, кој го посветил својот научен век на истражување на Охридското Езеро, го опишува најголемо природно езеро во Македонија пред повеќе од 100 години.
Охридското Езеро спаѓа меѓу најстарите тектонски езера во светот, а со сигурност е најстаро во Европа. Според повеќе истражувања, неговата старост изнесува помеѓу 3 и 5 милиони години, што значи дека настанало уште во геолошката епоха плиоцен. Охридското Езеро е меѓу најбогатите езера во светот со ендемични видови, кои ги има повеќе од 200. Побогати се единствено Бајкалското, Тангањика, Викторија и Малави, меѓутоа тие се и многу поголеми од Охридското Езеро. Голем број од овие видови се непроменети уште од времето на настанувањето на езерото, па претставуваат „живи фосили“ со огромно значење за согледување на еволуцијата на живиот свет, но и на самото езеро. (Милевски 2012).
Ендемизмот во Охридското Езеро се должи на дејството на географската изолација што придонело за развој на видови со специјализиран начин на живеење како и голем број архаични видови. Охридската пастрмка, летницата и белвицата се значајни реликтни остатоци на некогашниот жив свет на нашата земја уште пред ледениот период и тие сигурно го населуваат езерото уште од самиот почеток. Охридскиот сунѓер е ендемичен вид-реликт кој во денешниот жив свет нема никакви поблиски сродници. Ова е само еден од многуте примери на реликтни облици на ова прастаро езеро, какви има меѓу охридските претставници на речиси сите животински, па дури и на некои растителни групи. Ендемичниот карактер на охридските реликти оди дотаму, што тие успеале да се одржат само во Охридското Езеро, додека на другите места сосема изумреле. (Станковиќ, 1959)
Живиот ендемичен свет е под Критериум бр. VII во повелбата на УНЕСКО за заштита на Охридскиот регион: Заштитата на Охридското Езеро кое датира од предглајциалните времиња претставува природен феномен. Како резултат на географската изолација и ненарушената биолошка активност, Охридското Езеро нуди уникатно прибежиште за голем број ендемички и реликтни видови на слатководни претставници на флора и фауна. Неговите олиготрофични води, содржат преку 200 ендемички видови од високо ниво на ендемизам, најмногу преставници на алги, дијатоми, полжави, ракови и 17 ендемични видови на риби. Освен ова, бреговите на Охридското Езеро се богати со птици.
Езерото нема само национално, туку регионално и светско значење. Тоа во својата утроба ги криетајните на природата од последните десетици илјади години. Преку големото количество седимент, зачуван на езерското дно може да датираме и откриваме природни настани и појави кои се случиле далеку во минатото. На дното на Охридското Езеро со текот на вековите се наталожени огромни напласти од седименти, дебели стотици метри. Тие претставуваат „историски записи“ за Езерото и приликите во овој простор. Со нивното проучување е утврдено дека климата во овој регион многу се менувала – од многу студена и сува, до многу топла и влажна. Во седиментите се пронајдени дури и тенки слоеви на вулканска тефра, донесена и наталожена за време на минатите вулкански ерупции на Везув и Етна. (Милевски 2012)
Идни опасности и нерешени проблеми
За жал, Охридското Езеро се соочува со низа се уште нерешени проблеми кои се апсолутно независни од новите промени на урбанистичкиот план. Испустот на фекалии и хемиски загадувачи во езерската вода се чести, со што директно се загрозува олитрофичкиот статус на езерото. Дел од граѓаните го користат езерското дно со години како форма на ,,невидлива“ депонија во која одлагаат шут и градежни материјали. Дури е пронајден и целосен ентериер од кафуле со што се продолжува со бизарноста.
Освен квалитетот на езерската вода, Охридското Езеро е во постојана опасност за нарушување на афтохтомиот рибен биодиверзитет преку чести нелегални порибување со алохтони видови како калифорниска пастрмка или толстолобик.
Охридското Езеро ќе продолжи да биде и под влијаније на светските климатски промени кои во децениите кои доаѓаат негативно ќе влијаат врз живиот свет во езерото преку зголемување на температурата на водата, па дури е можно и намалување на водениот столб.
Треба да се сфати дека Охридското Езеро е огромен интегриран екосистем, исто како што е една шума, поток или тресет, каде што живите организми се взаемно поврзани со живеалиштето во еден динамичен и сложен свет во кој секој влијае еден на друг, посредно или непосредно, а истовремено сето ова е во константна промена и движење. Природните екосистеми имаат вредност за себе, но и мерлива вредност за човештвото.
Загриженост за планираните марини и туристички објекти посочува и професорот Славчо Христовскиод Институтот за биологија кој вели: „Зарем во XXI век се уште некој мисли дека со уништувањето на природата во Охрид ќе се постигне некаков развој?!? Зарем на Охрид му требаат плажи во вид на палми, школки и морски ѕвезди, марини за скапи јахти, несвојствени терени за голф и слични лудории кои може секој побогат град да ги направи? Никој не може да ја репродуцира природата. Далеку е поевтино таа да се зачува, отколку да се направи од стакло, метал и бетон”.
Проблеми со закони, проблеми кон природата
Состојбата на Охридското Езеро е прашање од национално значење. Независно од донесените заклучоци и анализи, изградбата на овие големи проекти директно го загрозува и статусот на езерото и неговото крајбрежје.
Новите планирани проекти не само што се косат со повелбата на УНЕСКО за заштита на охридскиот регион, туку го кршат важечкиот Закон за води. Закониот во членот 2 препорачува „заштита, зачувување и постојано подобрување на расположливите водни ресурси, подобрување на состојбата на крајбрежното земјиште, водните екосистеми и на екосистемите зависни од водата, заштита и унапредување на водната средина преку рационално и одржливо користење на водите, како и прогресивно намалување на штетните испуштања и постепено елиминирање на емисиите на опасни материи и супстанции во водите. Со Законот за заштита на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро, пак, се забрануваат дејствија со кои можат да се нарушат природните убавини на езерата.
Охридското Езеро со своето крајбрежје е дел од Националниот парк Галичица, кој се соочува со сериозни проблеми и новите урбанистички планови можат негативно да се изразат врз неговата состојба. Со новите мерки и планови не се става во опасност само езерото и неговото крајбрежје, туку се става во прашање и постоењето на целиот Парк.
Охридското Езеро крие во себе уште многу тајни кои чекаат да бидат откриени. Да не дозволиме да ја изгубиме таа шанса. Охридското Езеро треба да остане! Како што и југословенскиот географ Цвијиќ пред 104 години изјавил: ,,По еден дождлив ден со бура настапи убаво време. Сонцето гори, воздухот над езерото е проѕирен, а на бреговите трепери јара што ги обвива и највисоките врвови околу езерото“.
*Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.