По приватизацијата на секторот за производство и услуги во текот на деведесеттите, на дневен ред на албанската влада дојдоа јавните сервиси – здравството и образованието. Но, студентите одбиваат мирно да го гледаат системското уништување на јавните универзитети, на што државните и судските власти заедно со управата на образовните институции одговараат со зголемување на репресивните мерки.
Последната недела во Албанија ја одбележа низата студентски мобилизации кои прераснаа во окупација на главните згради на некоку јавни универзитети. Во продолжение поконкретно ќе зборуваме за студентските барања и перспективи, но да почнеме со непосреден заклучок. Мобилизациите извираат од општиот социоекономски контекст кој го карактеризира непрестајна радикализација на неолибералните реформи. За почеток, мораме да го земеме предвид фактот дека Албанија во поглед на неолибералните реформи не е која било земја, туку една од оние кои од раните деведесетти години служеа како место за експериментирање со голем број неолиберални економски реструктурирања.
Приватизирани се речиси сите фабрики и претпријатија кои беа во државна сопственост, а истото се подготвува и за високото образование и здравствената заштита. Неолибералните реформи кои ги спроведува актуелната власт од левиот центар одат во насока на општ напад на сиромашните и обезвластените. На пример, актуелните реформи во енергетскиот сектор не вклучуваат само повишување на цената на електричната енергија, туку и застрашување на сиромашните за да платат целосна, пазарна цена, без оглед на социјалните последици, инаку ќе бидат испратени во затвор како криминалци.
Истовремено, реформата на високото бразование во основа се обидува да ги пренасочи државните средства од јавните кон приватните универзитети – во име на конкуренцијата и зголемувањето на квалитетот и да ги преобрази во нешто налик на комерцијални претпријатија. Реформата, чија имплементација се очекува деновиве, предвидува значително зголемување на школарината – според новите пресметки школарината секоја година ќе се зголемува за најмалку 20 до 30 отсто. Покрај тоа, сегашната влада го зголеми износот на школарината по „природна стапка“ од 10 до 15 отсто и пред имплементацијата на оваа реформа, во обид да ги „тренира и подготви“ јавните универзитети за ерата на компетитивност. Исто така, студентите ќе бидат присилени веднаш да ги платат школарините зголемени за 30 отсто ако не сакаат да бидат исфрлени од факултетите. Се воведуваат и пенали за студентите кои неколку пати ќе паднат на испит.
Но владината одлука која најотворено им оди во прилог на приватните факултети е наметнувањето на минимална просечна оцена 6 (во албанското образование оцените се движат од 4 до 10, при што студентот мора да добие најмалку оцена 5 за да го положи испитот) за средношколците и студентите од преддипломските студии кои сакаат да го продолжат образованието на јавните универзитети. Критериумот важи само за јавните универзитети, што доведува до заклучок дека владата настојува да натера дел од студентите да се пријават на приватните универзитети каде школарините се многу повисоки.
Во овој контекст мораме да спомнеме и дека студирањето за децата од сиромашните семејства сè повеќе станува утопија. Сè поголем број студенти од прва година мораат да бараат послабо пратени и експлоатирачки работни за да излезат на крај со зголемените цени за живот и студирање. Албанија не е само земја во економска криза, со официјална стапка на невработеност од 23 отсто и поточна стапка од најмалку 40 отсто, туку и земја во која младите и образованите се изразито дискриминирани на пазарот на труд. Да се добие работа по струка се смета за достигнување од соништата, барем за повеќето од оние кои немаат клиентелистички врски со владејачките партии или бизнис елитите. Повеќето од нив за време на студиите работат во новооснованиот сектор на екстернализирани центри за повици, каде на сила се нови и покреативни облици на експлоатација.
На пример, некои од студентите кои работат во тие центри за повици сведочат дека немаат надница, туку се сметаат за деловни партнери, што значи дека работат за процент (на пример, 10 отсто) од заработката од она што го продаваат за претпријатието; но, ако не достигнат одреден праг на заработка (на пример, 1.400 евра месечно), нема да им бидат исплатени ниту 10 отсто и во принцип ќе работат бесплатно.
Арлинд Кори
Целиот текст може да го прочитате на Окно