Она што загрижува, а што исто така нè става на дното помеѓу европските земји е стапката на употреба на орална хормонска контрецапција. Во Македонија процентот на користење на пилули изнесува само 1,3 отсто, пишува Велимир Савески од невладината организација ХЕРА во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.
Помина 8 Март. Поминаа кафеани, прослави, каранфили, но и настани и анализи до каде сме со родовата рамноправност и правата на жените.
Факт е дека на жените во Македонија им се отежна пристапот за прекин на бременоста и не е направен чекор напред во пристапот до модерни средства за планирање на семејството.
Според студијата на институтот Guttmacher и УНФПА, Фондот за население на Обединетите нации, бројот на жените во земјите во развој, кои сакаат да избегнат бременост, но не користат модерна контрацепција во 2012 година изнесува 222 милиони жени.
Според Светската здравствена организација, репродуктивното здравје подразбира дека луѓето се способни да имаат сигурен сексуален живот кој што им овозможува задоволство и притоа да се способни за репродукција, но исто така слободно да решат дали и колку често да го прават тоа. Најважното, дали и колку често!
Репродуктивното здравје подразбира контрацепција, а контрацепцијата преставува право на здравје и здравствена заштита.
Ниското ниво на информираност, предрасудите во врска со одредени типови на контрацепција и финансиските бариери се фактори кои ја креираат моменталната слика во Македонија. Главната цел на стратегијата за сексуално и репродуктивно здравје во Македонија е:„до 2020 година сите граѓани во Република Македонија треба да имаат подобро сексуално и репродуктивно здравје“. Без сеопфатно сексуално образование во училиштата што ќе обезбеди континуиран пристап до научно потврдени информации во однос на сексуалното и репродуктивното здравје и права и подобрен пристап до методи на планирање на семејството, оваа цел уште отсега е осудена на пропаст. Во истата стратегија, како една од интервенциите за намалување на вкупната стапка на абортуси, како и стапката на повторувачки абортуси се наведува „подигнување на јавната свест за користење на модерни контрацептивни средства“. Во последните години се подигнува свеста дека абортусот е убиство.
Мултииндикаторското кластерско истражување на УНИЦЕФ од 2011 година покажа дека 8,2 отсто од девојките на возраст од 15 до 19 користат некакво модерно контрацепциско средство.
Во Македонија нема ниту едно средство за контрацепција кое е покриено од страна на Фондот за здравствено осигурување. Со оглед на високата младинска невработеност, колку реално може една просечна девојка да одвои од својот буџет?
Во однос на модерната контрацепција, според „The Economist“ од 1993 година, двесте водечки историчари заклучиле дека ниту Ајштајновата теорија на релативноста, ниту нуклеарното оружје, ниту пак моќта на компјутерот и интернетот имале посилно влијание на општеството во 20-от век, колку што имала пилулата.
Она што загрижува, а што исто така нè става на дното помеѓу европските земји е стапката на употреба на орална хормонска контрецапција. Во Македонија процентот на користење на пилули изнесува само 1,3 отсто.
Во една од моите омилени колумни, професорката Лина Ќостарова- Унковска вели дека „мораме да ги отвориме сите карти и да проговориме, конечно и отворено, за сè што ги интересира младите поврзано со сексуалноста и интимните врски. Мораме да почнеме да учиме за работите да почнат да менуваат“.
Работите мора да почнат да се менуваат!