Изолацијата на секое протестно движење во рамките на својот сектор е кардинална грешка, бидејќи тоа е најпосакуваната стратегијата за власта, која претпочита проблемите да ги решава вулгарно: преку демонстрација на физичка сила и инстутиционална надмоќност пишува во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа Андреј Јованчевски, член на младинската организација Мугра.
Историјата на минатовековните револуции и големи граѓански протести ни потврдува една битна вистина: успешноста на секоја еманципаторна социјална кауза е условена од здружувањето на силите на работничкото и прогресивното студентско движење. Преку оваа оска на соработка се издејствувани огромни цивилизациски придобивки што ја омоќуваат позицијата на граѓанинот и го чуваат неговото достоинство. Сепак, барањето аргументи во историските собитија е секогаш проблематично, па затоа ќе се обидам да изложам неколку современи основи за обединување на студентската и работничката еманципаторна борба во актуелниот политички контекст:
Инхерентна поврзаност на општествените позиции на студентот и работникот. Потребно е да се прифати ново разбирање на студентскиот статус: студентите не се само идни, туку и сегашни работници. И покрај игноратноста на статистичките радари, огромен број од студентите се во работен однос, а најчесто во прекарен работен однос. Доколку, пак, тие не работат, тогаш сигурно оние кои ги издржуваат се вработени, односно учествуваат на пазарот на труд. Во ситуација кога високото образование не е бесплатно, важно да се согледа баналната вистина дека за да се биде студент мора да се биде или работник или дете на работник. Од друга страна, сè понагласената комодификација на универзитетското знаење и истражување генерира условеност на потенцијалното вработување од стекантото високо образование. Оттука, наместо да ја игнорирамедиректната поврзаност на проблемите што се појавуваат во високото образование и на пазарот на труд, треба да ги арикулираме взаемните импликации на неолибералните (во нашиот случај: феудални) политики што се водат во двете области и да се обединиме во отпорот против нив.
Уставна загарантираност на правото на штрајк и на универзитетска автономија. Имено, овие две права (во Уставот на РМ определени со членовите 38 и 46) се темелни вредности врз кои е изграден иднтитетот на работникот и студентот. При нивното загрозување или укинување, работникот/ студентот во потполност станува објект на моќта и го губи правото на учество во општествениот договор што ја одредува неговата општествена позиција и функција. Тој веќе не може да се самодефинира и да одлучува за организацијата на сопствената работа, туку ги репродуцира идејните констелации и методлогијата на власта, односно станува подложен на тотална инструментализација. Во ситуација кога споменатите права се загрозени преку механизмите на законска хиперрегулација и упад на егзекутивната власт во нивната одбрана пред органите на судската власт, потребна е обединетост за спроведување на уставните начела кои ја ограничуваат хегемонијата на економско-политичката моќ и неприкосновената доминација на власта во социјалниот дијалог.
Потреба од протестна масовност и интерсекторска поврзаност. Изолацијата на секое протестно движење во рамките на својот сектор е кардинална грешка, бидејќи тоа е најпосакуваната стратегијата за власта, која претпочита проблемите да ги решава вулгарно: преку демонстрација на физичка сила и инстутиционална надмоќност. Колку пораситнето е ткивото на „непријателот”, толку полесно таа може да се справи со бунтовните жаришта. Во таа смисла, погубно е борбата за универзитетска автономија, повисок студентски стандард и инклузивен систем на студентска репрезентација, како и борбата за заштита и унапредување на работничките права да се гледаат како засебни. Тие се дел од општата борба за подобро и праведно општество и самата нивна природа повикува на градење алијанси меѓу еманципаторните движења и здружување на фронотот против авторитарните социјални политики.
Многу задгранични студентски и работнички движења сè уште ја препознаваат потребата од солидарна акција и координирана стратегија во борбата за своите права. Низ целиот свет студентите и работниците се носители на прогресивните политички платформи и застануваат обединето во опозиција на авторитарните политики. Препознавајќи ја благородноста на тој сојуз и стремејќи се кон остварување на нашите прогресивни барања, да одговориме на повикот што одекнува насекаде: Obreros y estudiantes unidos y adelante!