Во последната моја колумна за РСЕ имаше голема доза на апатија. Се надевам дека ќе ми простите, но таа беше пишувана во една депресивна зима, период во кој немаше ни трага за надежта која ја донесоа сите пленумци. Сега веќе е пролет, сега мириса на промена. Токму и за тоа сакам да пишувам, за промената која следува. Без разлика дали ќе има промена на власта, промена во нашето општество ќе се случи, пишува Стефан Алексиќ од Младинскиот образовен форум во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.
Изминатиот период сум сведок на голем број дебати, што многу ме радува. Иако тие дебати во голема мера не се по медиумите, сепак интезивно се одвиваат по социјалните мрежи, образовните институции, пазарите… Тоа значи дека граѓаните, особено младите, се засегнати со проблемите на нашата држава и трошат дел од своето слободно време да најдат решение преку јавна дискусија.
Секој ги брани своите вредности и секој пробува да придонесе за промената која следува. Вредностите се верувања кои се тесно врзани со нашите емоции и вградени во нас уште од почетокот на човечката еволуција. Кога помислуваме на вредности, ние мислиме на тоа што ни е важно во нашите животи (на пример: безбедност, независност, мудрост, успех, задоволство итн.) Секој од нас поседува голем број вредности и секој дава различно значење на секоја од нив (доколку сакате да прочитате повеќе за базичните човечки вредности ви го препорачувам овој линк).
Токму овие вредности ги одредуваат твоите погледи на општеството и ја одредуваат твојата позиција на политичката мапа. Тоа е една од работите што секој човек го прави уникатен и важен. Секој од нас тежнее да живее во општество каде што ќе бидат почитувани неговите вредности и секој од нас е должен да ги брани и промовира своите вредности. Воедно, тоа размислување е и еден од главните иницијатори на дебатата и прогресот на општеството. Тоа може да го овозможи само општество кое се базира на принципите на слобода, еднаквост и солидарност. За жал, тоа не е одлика на нашето секојдневите.
Во моменти кога овие принципи се оневозможени и загрoзени, ние како луѓе мора да ги заборавиме нашите вредносни разлики и да се обединиме и повторно да ја воспоставиме слободата, еднаквоста и солидарноста. Бидејќи во таквото општество, твоите верувања како на поединец немаат вредност. Во тоа општество ние сме само ресурс во очите на властодршците. Изборите и дебатите се бесцелни кога немаат никаков ефект. Токму затоа, ако сакаме следната промена вистински да има значење, сите ние мора да се обединиме кон овие три прости принципи кои ќе ни овозможат да завладеат потворно вредностите и тие да добијат важност.
Доколку промената дојде од гневен, гладен и изнемоштен народ и притоа бидат заборавени принципите на слобода, еднаквост и солидарност, тогаш ние отвораме простор за нов опресор и си го пролонгираме и зголемуваме проблемот на нашата држава. Најстрашната промена е онаа во која што ќе нема смена на власта, бидејќи како што вели една поговорка „Тоа што нема да те убие ќе те направи само посилен“, а нашата власт е премногу силна. Доколку таа ги преживее скандалите, тогаш промената ќе дојде во форма на поголема опресија на нашето општество.
Токму затоа сега е најважно да се обединиме околу принципите на слобода, еднаквост и солидарност и да ги надминеме нашите вредносни разлики, доколку сакаме општество во кое што нашиот глас ќе има значење.