[Колумна] Сексуални права или моето тело е само мое

Многумина, верувам, од младите имаа слушнато за концептот на сексуално и репродуктивно здравје. На некои им е поблизок, на некој подалечен, некои го разбираат во целост, други, пак имаат само делчиња од целосната голема слика. Но, она за што младите се помалку информирани, а е во директна корелација со концептот на сексуално и репродуктивно здравје, се сексуалните права.
Ќе се запрашаме, тогаш што преставуваат овие права? Одговорот е многу едноставен: сексуалните права се човекови права гледани низ призмата на сексуалноста на секој еден од нас.

DSC_0007-Copy

Исто како и човековите права, така и сексуалните се базираат на принципите на универзалност, неделивост, неотуѓивост… и имат за цел да ја загарантираат нашата слобода, еднаквост и взаемната почит без разлика на тоа дали сме мажи, жени, трансродни личности, без оглед на нашата сексуална ориентација, сексуално однесување, без оглед дали имаме направено абортус, дали имаме родено деца или не…Познавањето на овие права ќе ни овозможи носење на информирани и слободни одлуки поврзани со нашиот сексуален и репродуктивен живот. Дополнително, ако знаеме кои се нашите сексуални права ќе знаеме дека секој од нас има право на еднаков пристап до услугите за сексуално и репродуктивно здравје.Но, да не заборавиме- постоењето на овие права значи постоење на определени обврски.Правата се уживаат сè до оној момент кога ќе се нарушат правата на некој друг.

Но, ајде да се вратиме неколку чекори поназад и да видиме кои се и што се сексуалните права. Меѓународната федерација за планирано родителство препознавајќи ја важноста на сексуалните права ја креира Декларацијата за сексуални права која пак во себе има инкорпорирано овие 7 главни начела:

Начело 1 Сексуалноста е интегрален дел на личноста на секое човечко суштество и затоа мора да се создаде поволна средина во која секој може да ги ужива сите сексуални права како дел од процесот на развојот.

Начело 2 Правата и заштитата, што им се гарантираат на луѓето на возраст под осумнаесет години, се разликуваат од оние што се однесуваат на возрасните и мора да се земат предвид развојните капацитети на детето, како индивидуа, за самостојно уживање на правата.

Начело 3 Недискриминацијата ја афирмира севкупната заштита и промоција на човековите права.

Начело 4 Сексуалноста и задоволството што произлегува од неа, се главни аспекти да се биде човек, без разлика дали одредена личност ќе избере да се репродуцира или не.

Начело 5 Обезбедувањето сексуални права за сите подразбира посветеност кон слободата и заштитата од повреда.

Начело 6 Сексуалните права можат да бидат предмет само на оние ограничувања кои се определени со закон со којшто се обезбедува признавање и почитување на правата и слободите на другите лица и општата добросостојба во едно демократско општество.

Начело 7 Обврските за почитување, заштита и нивно спроведување се однесуваат на сите сексуални права и слободи.

Според оваа Декларација, десетте сексуални права се:

Член 1: Право на еднаквост, еднаква заштита со закон и ослободеност од сите форми на дискриминација врз основа на пол, сексуалност или род.

Член 2: Правото на учество на сите лица, без разлика на полот, сексуалноста или родот.

Член 3: Право на живот, слобода, лична безбедност и телесен интегритет.

Член 4: Право на приватност.

Член 5: Право на лична автономија и на признавање пред закон.

Член 6: Право на слободно размислување, на погледи и на изразување, право на здружување.

Член 7: Право на здравје и право на користење на научните достигнувања.

Член 8: Право на образование и информации.

Член 9: Право на избор за стапување во брак и на засновање и планирање семејство и донесување одлука дали да се има деца, кога и како.

Член 10: Право на отчетност и надомест.

Од денешна гледна точка може да се констатира дека дел од овие права ни се загрозени и скратено ни е нивното уживање. Токму затоа, од исклучителна важност е секој од нас да биде запознаен/а со своите права и да знае како да се бори за да го добие она што му/и следува. Сексуалните права ни овозможуваат да бидеме она што навистина сме, да се облекуваме како што сакаме, да флертуваме и да имаме симпатии, да имаме секс кога ние ќе решиме, да зборуваме отворено за нашите желби, потреби и фантазии, да градиме врски, бракови и да имаме деца, да бидеме на еднакво рамниште со партнерите/ партнерките во врските, да се ослободиме од сите стереотипи и предрасуди, да имаме еднаков пристап до здравствени и социјални услуги… едноставно да можеме да донесеме самостојна одлука, притоа славејќи ја сексуалноста.

Време е да го дигнеме гласот и да им кажеме на сите околку нас: „Моето тело е само мое!“

Извор: Моф/ Сервис за млади