Статутите на универзитетите се „заглавени“ во собраниските лавиринти, на пратениците нормално и очекувано не им се во примарен план, имајќи ја предвид целокупната комплексна политичка ситуација, а студентите најверојатно повторно ќе останат без свои претставници и оваа година, пишува Петар Барлаковски од МОФ, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.
Промената на власта е нормален феномен во секое демократско општество. Оние кои се избрани, преку процесот на трансфер на власта стануваат носители на власта, додека пак оние кои не го освоиле гласот на народот, преминуваат на другата страна и стануваат опозиција.
Секако, не секогаш овој трансфер на власт оди „како подмачкано“ па некогаш државите се наоѓаат и во ситуации да немаат новоизбрана влада и покрај тоа што изборите се случиле после неколку месеци. Вакви случаи може да сретнеме во Белгија, Германија, Холандија како и Македонија. Разликата меѓу овие држави и нашата е тоа што административните и владините услуги кон граѓаните останаа непроменети. Односно, државниот апарат/систем продолжува да функционира и покрај тоа што на чело на овие органи сè уше не избран нивниот легитимен водач. Дејностите и процесите во здравството, образованието, јавната администрација и слично најчесто остануваат непроменети и истите продолжуваат да функционираат.
За жал, тоа не е пример и во нашата држава. Своевиден феномен е кај нас дека додека се спремаат избори, кампања за избори како и постоењето на некои други битни и суштествени политички прашања, јавната администрација, здравството, а особено образовните процеси и реформи се во застој, сè додека не се решат овие други прашања. Моментален пример за горенаведениот заклучок претставува и (не)функционирањето на студентските парламенти, односно собранија.
Со стапување на сила на новиот Закон за високо образование, се внесе надеж помеѓу академската задница, особено помеѓу проактивните студенти дека конечно, после многу години, студентите ќе можат да го остварат своето право на глас и да изберат свои легитимни претставници во новите студентски собранија. Претставници коишто не само што ќе ги претставуваат, туку и ќе работат за нив и нивните интереси во телата на универзитетот и факултетот, нешто што на македонскиот студент му е непознато и страно. Оттука доаѓа и прашањето како изборите за студентските собранија и нивното конституирање е поврзано со ново-старата политичка криза во Република Македонија?
Имено, за се да дојде до студентски избори, како и до воспоставување на овие тела, потребно е да се исполнат низа услови и да се донесат голем број на акти кои треба да се променат по донесувањето на новиот Закон за високо образование. Универзитетите мора да направа промена на статутите (највисок интерен акт на универзитетите), кој за да може да стапи во сила, мора да биде изгласан и одобрен во Собранието на Република Македонија.
Понатаму, постапката за избор бројот на членовите на факултетското собрание, како и органите на факултетското собрание, се исто така зависни од статутот на факултетот, кој пак мора да биде во согласност со сè уште недонесениот статут на универзитетот. По донесувањето на овие интерни акти, деканите на сите факултети треба да распишат избори на своите факултети.
Тука всушност доаѓаме до целата комплицирана формула и поврзаноста помеѓу политичката криза и високообразовните процеси, особено оние кои студентите со нетрпение ги очекуваа.
Статутите на универзитетите се „заглавени“ во собраниските лавиринти, на пратениците нормално и очекувано не им се во примарен план, имајќи ја предвид целокупната комплексна политичка ситуација, а студентите најверојатно повторно ќе останат без свои претставници и оваа година.
Несомнено е дека моментално во државата се случуваат многу поголеми и поважни прашања кои заслужуваат да го имаат првичниот фокус. Но, дали тоа значи дека по секоја цена треба да се откажеме од идејата за студентска репрезентација? Дали тоа значи дека студентите и оваа година ќе се соочат без никакви формални претставници коишто нема да можат да го пренесат гласот на студентите во органите на управување? До кога образованието и неговите реформи ќе трпат и ќе чекаат на сметка на политичките проблеми и каприци?
До наполнети 18 години, децата во Македонија имаат 4,4 години јаз во образованието. Од предучилишно, основно и средно образование, тие во просек поминуваат 11,2 години, но кога годините ќе се прилагодат според квалитетот на наученото, тоа е еднакво на 6,8 години образование. Ова се податоците од најновото истражување на Светска банка за Индексот на човечкиот капитал (ИЧК) на Македонија, кој е понизок од просекот на регионот.
Овој фрапантен податок е доволен индикатор за тоа пратениците сериозно треба да размислат за тоа дали е во ред секогаш образовните реформи и промени да бидат во заден план, а до тогаш единствено што ни преостанува е да се надеваме дека конечно студентското организирање во академската заедница во Македонија ќе се обнови и вистински ќе заживее.
Петар Барлаковски, Програмски асистент во Младинскиот образовен форум