Минатата недела во Германскиот Бундестаг се оддржа настан по повод престојното формирање на “Европскиот инстут за мир”. Настанот беше организиран во името на Ирското претседателство со Европскиот совет, Европскиот парламент, како и Европската служба за надворешни работи. Балканот е се разбира сеуште актуелен на ваквите настани каде се зборува за улогата на ЕУ и на Германија во поддршка на мир, како на оние за процесите на ЕУ проширување. На истите има една заедничка работа за регионот која повторно и повторно се споменува. Велат политичарите: “Таму на Балканот, таму нема култура на дијалог”.
И ме боли секојпат кога ќе го чујам тоа. Не ме болат коментарите за корупција во Македонија, не ме болат коментарите за организиран криминал, па дури ни оние скорешните; за непостоечката слободата на медиумите и за тоа дека мојот роден град наликува на циркус, ама кога ќе чујам дека немаме кулура на дијалог. Боли.
А ме боли бидејќи долги години работев во организација (Младински образовен форум) преку која што стотици млади луѓе на годишно ниво ја учат и живеат таа култура на дијалог преку дебата. И ме боли затоа што сум видела толку многу 16 годишни деца на трунири и јавни дебати кои дискутирале (неретко и двојазично) со многу поиздржани аргументи и многу поконструктивно од голем број парламентарци и дипломати од Европа кои секојдневно ни повторуваат дека немаме култура на дијалог.
На гореспоменатиот настан политички конфликти од Македонија се споменува во дискусијата како “lessons learned”. Така се потсетив на бројни меѓуетнчки и меѓупартиски препукувања и блокади т.н. “случаи за интервенција”, кои од една страна ни го рушеа угледот во меѓународната заедница, а од друга страна го растеа рејтингот на партиите, но и омразата меѓу луѓето. По завршувањето на дискусијата накратко разговарав со еден поранешен дипломат во нашата земја кој го заврши разговорот со: “Колку само посакувам политичарите во Македонија да зборуваат еден со друг”. И ете ја, пак ме погоди таа култура на дијалог. Малку поинаку овој пат.
За дијалогот меѓу политичарите
Тој дијалог за кој сме сите ние, а и меѓународната заедница, толку загрижени си тече повеќе од 20 години. Култура можеби нема, но дијалог има. Под притисок на ЕУ, на САД, со цел за “етничко обединување” или пак од потреба за поделба на тендери и бизнис зделки. Поради оваа или онаа причина, вака или така, јавно или зад затворени врати дијалогот си тече, а ние сме негови заложници. “Не”, реков, “политичарите мора да зборуваат со граѓаните, тука е проблемот. “
За дијалогот меѓу политичарите и граѓаните
На дебата, покрај многу други работи, ме научија и дека тоа е алатка за интелектуален развој, но и за општествен активизам и решавање на проблеми. Па така ние растејќи ентузијастички, ќе се соочевме со некој проблем, еве нејасноти околу државна матура или корупција во образование на пример, и ајде, ќе организираме дебата. И ќе ги поканиме Министерот, Ректорот итн. И столчињата ќе останат празни. Дискусија за проблем на младите од локално значење, градоначалникот го нема. И еве да бидам фер, не дека секогаш не доаѓале, но никогаш ниту еден министер, градоначалник итн., од било која партија, не седнал (во време додека е на функција) да ги образложи и брани своите (предлог) политики во одредена област (или нивното непостоење), а уште помалку сослушал или одговорил на некаква сугестија или предлог. Моменталната владејачка партија дури отворено и дрско вели дека “така треба”, тоа го образложува со “граѓаните одлучија на избори, ние сме тука да ги имплементираме политиките” и бара апсолутно мнозинство од гласачите “за да не се кочат проектите”. И во време кога во светот се разговараат концептите на “e-democracy“, “citizen budgeting“, “colaborative governance” итн., нам ова ни се чини нормално. На многумина веројатно и не им е нормално, но за танго треба двајца. Ништо од дијалогот. Ништо од културата.
Е, тука е мојата болка. Не само што тие не зборуваат со нас, туку не одучија и да зборуваме еден со друг. Во поделено општество дијалог нема, а нашето е за жал такво. Македонци наспроти Албанци, членови на СДСМ наспроти оние на ВМРО, оние на ДУИ наспроти оние на ДПА, Скопјани наспроти внатрешноста, патриотите наспроти оние што ја напуштаат Македонија, Обединета македонска дијаспора наспроти здрав разум, сите против атеистите и ЛГБТ популацијата, НВО кариеристи против grass root хејтери, противници и на власта и на опозицијата, а внатре секој против секого итн. Нема дијалог, затоа што веќе нема индивидуи и слободна мисла. Затоа што си или со нас или со другите. Затоа што ти немаш право да зборуваш на било која тема затоа што секако си на погрешната страна. И нема дијалог затоа што веќе нема ни теми, додуше нема ни информации за што се случува во државата, но во главно, заборавивме за што ни беше муабетот.
А ќе мора некаде да почнеме.
Многупати во текстов споменав дебата и дијалог. Моите пријатели дебатери ќе ми замерат, бидејќи дефинициите се многу важна работа, а дебата и дијалог не е исто. Сакам само да потсетам на неколку правила од дебата кои се клучни за културата на дијалог и кои можеби ќе ни помогнат да се вратиме во игра.
1. Во дебата темите се точно дефинирани. Во превод тоа значи дека ако го дискутираме придонесот на проектот “Универзитет во секој град” за подигнување или деградација на квалитетот на образовниот систем во РМ, тоа нема врска со рингишпилот на плоштад, а уште помалку со Бранко, транзицијата и прашањето: “А што направи СДСМ?”.
2. Во дебата се почитува противникот. Идеите на соговорникот може да се напаѓаат, но никогаш тој самиот, без разлика дали ги одобруваме лични избори на индивудуата или не. Во пракса тоа значи дека атеистот и попот може рамноправно да разговараат за улогата на религијата во модерното општество, без едниот да биде наречен богохулец, а другиот фанатик.
3. Во дебата се прифаќаат различни реалности. Дебата учи дека светот не е црно бел. Дека постојат различни аргументи за и против, и вреднсти според кои можеме да ја мериме тежината на истите. Тоа ни помага да ги разбреме другите луѓе и тогаш кога не се согласуваме со нив. Исто така и да разбереме дека луѓето понекогаш имаат иста цел, но работат на нејзинoто достигнување на различен начин.
4. Дебата се базира на факти. Е ова малку ќе ни ја отежни работата, бидејќи политичките елити и медиумите секојдневно работат на извртување на фактите или еве барем на нивно “селективно прикажување”. Па така секој си живее во реалноста на избраниот или достапниот медиум. Но доколку го почитуваме 1, 2 и 3 можеби и разговорот околку фактите ќе тече полесно. Па можеби и ќе се согласиме дека сме втори во светот според процентот на младинска невработеност. Можеби ќе прашаме и зошто.
Ете ова е само мал дел. Може да ја надополниме листата заедно. И нека останат несогласувањата, ајде да зборуваме за прашањата околу кои можеби може да се согласиме. Или барем да зборуваме со луѓето со кои се согласуваме за тоа како заеднички да постигнеме некоја цел. Ајде да зборуваме за што и како утре. Каде сакаме да бидеме утре, секој за себе и сите заедно. Само така ќе почне дијалогот. Само така ќе почне промената. И еден ден ќе мора и тие да дојдат и да зборуваат со нас. А тогаш ние ќе бидеме многу, и правилата на игра ќе бидат наши.
Ана Бојаџиевска
МОФ „дијаспора“, Берлин