Денот на Ромите – 8 Април, за мене има еднаков ефект, како и „Денот на дрвото“ во Македонија. Секоја година се садат илјадници дрва и се сеат илјадници евра, но ефектот е катастрофален, крајно непродуктивен… Слично е и со одбележувањето на Денот на Ромите. Затоа што и на Ромите не им треба еден ден внимание и посветеност од нивните сограѓани, како што не треба во само еден ден во годината, божем да се насади дрво, за да имаме почист воздух за дишење.
Пред извесен период слушнав дека сум бил ромски предавник и дека како новинар, сум пишувал цело време против Ромите…?! Да, сум пишувал против ромските политичари, за нивните погрешни политики, за тоа што може и треба да го преземат за доброто на Ромите, а најчесто не го прават…
Но, никогаш не сум кажал лош збор за чичкото што собира отпад од кантите за да си го прехрани семејството. Никогаш не напишав ништо лошо за тетката која нема пари да оди на приватен гинеколошки преглед, бидејќи нема гинеколошка ординација од јавното здравство во Шуто Оризари. Не напишав ништо лошо за човекот кому му ја укинале социјалната помош, затоа што добил пари преку „Вестерн Унион“ за да ја спасува сопругата која умирала од рак… Да, пишував и за нашата сограѓанка која живееше на улица со гангрена на нозете, а болницата не сакала да ја прими затоа што немала документи…Треба ли уште да набројувам – за кои и какви Роми сум пишувал „лошо“…
Ромите не се само ромските политичари. Сите кои вршат јавна функција, мора да сфатат дека може да другаруваат и да пијат кафе со новинарите, но нека не очекуваат одмолчување – на нивните погрешни политики.
Затоа, ромски лидери, ако сте навистина патриоти, зафатете се со работа и подобрете ми/им ги животот и правата на ромската заедница!
Денес сите во ромската заедница нешто прославуваат, организираат манифестации, музички програми… Денес, ќе слушнеме од политичарите колку оваа власт се погрижи да им го подобри животот на Ромите и дека доколку повторно победи ВМРО-ДПМНЕ на следниве избори, животот на ромската заедница ќе процвета… А токму политиките на власта ги натераа Ромите да заминат од Македонија. Денес, Шутка е полупразна. Младите сé почесто иднината ја бараат преку аеродромот „Александар Велики“, со билет во една насока. Денес, за жал, младите Роми, дури и кога ќе запишат факултет и ќе земат индекс во рака, истовремено се „запишуваат“ во некоја политичка партија, затоа што можноста за вработување ја гледаат во партиската книшка, а не во факултетската диплома…
Денес, јас нема да прославувам, затоа што никој не може да ми одреди ден за моето национално постоење! Јас сум Ром – 365 дена во годината, а не само на 8 Април!
Пишува: Дехран Муратов за Цивил – Центар за слобода