Доколку сте биле во Берлин, веројатно сте ја посетиле и Галеријата на источната страна (East Side Gallery). Тоа е најголемиот и најпознатиот остаток од ѕидот кој ги делел Источен и Западен Берлин до 1989. Во пролетта 1990 година, по падот на ѕидот, градот Берлин поканува повеќе од 100 уметници од различни земји од светот кои со своите дела и пораки ѕидот го претворија од симбол на поделбата, во симбол на слободата. Истот перфектно го отсликува и духот на целиот град: духот на графитите кои се распространети насекаде, на сликите со облаци и виножита кои ги разубавуваат грдите пост-советски градби, на ноќните клубови родени во напуштените згради, на многубројните улични уметници и креативци, духот на различните јазици кои се зборуваат, духот на луѓето од целиот свет кои овде си ја бараат слободата.
Градоначалникот на Берлин Клаус Воверајт, во една прилика го нарече овој град „Сиромашен, но секси“. Во последниве години зад сиромашен и секси, се почесто се додава и придавката скап. Имено, со зголемувањето на атрактивноста, расте и побарувачката, а со тоа и цените во градот и борбата за комерцијализација на јавниот простор. Токму ваквиот тек деновиве го стави под знак прашање и опстанокот на еден од најважните споменици и духовни обележја на градот; Галеријата на источната страна. Имено, веднаш до Галеријата е предвидена изградба на објект со луксузни станови, а делови од истата се пред опасност да бидат срушени со цел да се обезбеди подобра проодност до градбата.
Берлинци не останаа мирни на ваквото решение. Во изминатите недели илјадници граѓани се собираат на масовни протести со пораката „Ѕидот мора да остане“. На најмасовниот протест (17.03) се собраа приближно 10.000 луѓе. Понатаму, се мобилизираат уметниците, се собира петиција, се испраќаат писма, се собираат фондови, се дебатира во медиумите и во политичките кругови, сопствениците на култните клубови во близина на галеријата се загрижени дека ќе се уништи атмосферата во околината, дури и Дејвид Хаселхоф со својата „Looking for freedom“ се врати во Берлин. Градот сеуште е на ставот дека проектот продолжува, но преговорите помеѓу сите засегнати страни (вклучително и инвеститорите) се во тек и се бараат компромиси, ако ништо друго барем за решение кое ќе доведе до помали оштетувања.
Историјата е веројатно она што Берлин го прави една од наспосакуваните туристички дестинации. Но во Берлин вредноста не лежи во градбите, туку во приказните зад нив. Затоа и се борат Берлинци. Се борат за да останат верни на својот идеал за слободата. За да го зачуваат својот град. Не тој од минатото. Борбата за секој метар од тој камен е борба за иднината, за јавниот простор, за урбаната политика, за можноста креативно и активно да учествуваат во развојот на својот град. Борбата е против вредностите кое го диктираат развојот во капиталистичкото општество и за квалитетот на живот. Борбата е и за летните ноќи и многуте Open airs на брегот на Шпре позади Галеријата.
Не знам дали граѓаните ќе успеат да го зачуваат брегот на Шпре, но со сигурност ги потсетија политичарите дека градот им припаѓа на сите, на граѓаните, па и на туристите. Не на политичарите. Не на бизнис заедницата. Мене ме потсетија на љубовта кон еден град каде ова е веќе некое време заборавено. Кому му припаѓа градот во Скопје заборавија политичарите, заборави бизнис заедницата, а тоа го заборавија и граѓаните.
Се сеќавам на пролетта 2009 кога започна проектот „Скопје 2014“. Се појави граѓанска иницијатива да се зачува слободата на градот. Беше експлицитно изигнорирана, активистите добија разновидни етикети (богохулци, опозиционери, лезбејки, соросоиди), а во тој период се измисли и славната институција на „контра-протест“ која не прати од 2009 до денес. Од тие денови натаму „Скопје 2014“ доби на брзина и размери кои веројатно не збунија сите. Јавна дебата, со исклучок на искрени обиди од граѓанското општество скоро и да немаше. Сите останавме зачудени, разочарани и парализирани. Ден за ден, Скопје стана предмет на чудење и исмевање низ цела Европа.
Не се ни обидувам да го анализирам проектот од смисла на потрошени ресурси (читај: пари на граѓаните) во жални економски услови, иако може многу да се каже за истото. Се прашувам само што тој проект значи за градот духовно? Која е цената во вредности која ја плативме за тие кичести градби кои го окупираа слободниот простор? За што стојат Александар, Филип, Прометеј и пријателите? Стојат ли за мир, толеранција и интер-културно разбирање? За недискиринација? Стојат ли за родова еднаквост и права на LGBT заедницата? Таму ли се како симбол на економска моќ и развој? Можеби имаат врска со слободата на мислата и говорот? Развој на литературата и уметноста? Симболизираат ли здрава животна средина? Солидарност? Што?
Јавните објекти се градат најчесто со одредена функција, но имаат и одреден симболизам. Ние мораме да живееме со објектите кои не опкружуваат и тие силно влијаат на нас. Во овој случај мислам дека со просторот ја изгубивме и слободата. Оттука, крајно време е да се запрашаме за кои вредности се залагаме и да ги преточиме истите во просторот за да продолжат да се развиваат. Во оној малку простор кој ни преостанува.
Мало појаснување: не зборувам за локални или централни избори или за политички опции кои ќе го спасат градот со (нови) решенија и проекти. На Скопје му треба искрена и широка граѓанска акција, кофи со боја и гласна музика. Секој ден.
Ана Бојаџиевска
МОФ „дијаспора“, Берлин