[Колумна] За Водно се работи

Вуки

За скопската пролет се карактеристични две нешта: прво што ја нема, зошто одма се рипа на лето, а второ што пролетта е сезона за сè. Кампањи, турнири, конференции, собиранки, протести и општи тепачки. Во пролет се бришат прозори, се паѓаат испити, се мијат буриња за туршија, се тресат теписи, а најмногу од сè се тресат глупости.

Минатата недела низ апсолутно сите медиуми како квасец се ширеше информацијата за настанот „Прв до врв“ – трка на Водно . Кога го слушнав името на настанот ме облеа носталгија, не за моите „остварувања“ на Водно, туку поради насловот чија креативност ме врати во периодот кога спремав песнички за патронат (птица во лет, пчела на цвет). Настанот како спортски (потенцирам спорстки) настан  е регуларен. Луѓе си трчаат и со „срце пуно радости“ изјавуваат дека го освоиле највисокиот врв на светот – Водно. Настанот во неколку медиуми беше најавен дека се организира во чест на постоењето на планина Водно. Како тоа во чест на Водно? Водно е родено на 1 јуни  или како? Јас си велам или некој нашол нова метода за одредување на старост во геологијата или на некој не му било денот. Ако првото е точно, тогаш среќен 30 милионити роденден Водно и се надевам дека не пропадна градската каса за обезбедување доволно свеќи.

Главен проблем во вакви настани е дека секогаш, ама апсолутно секогаш на некој мутав начин се обидува да се протне некоја „еколошка пропаганда“. Секогаш на вакви настани се распалува со поимишта како: заштита на природа, екологија, еколошка свест, загадување, спас на Земјата …..

Не разбирам како тоа  спринт-трчање на 500 луѓе низ Водно ќе го заштити од загадување. Како со журка на Крст ние тоа се грижиме за “екологијата“. Ваквите постапки не се само ступидни, туку и контрадикторни. Со правање концертчиња и мафтање на знамиња по Градски никако не ја „подигаме свеста“, туку подигаме крвен притисок на дечките што треба по нас да собираат фрлени „еко флаери“ Ако толку нас ни гори душичката за Водно ајде да збориме за реални проблеми. Ајде да видиме зошто упорно се зголемува бројот на станбени објекти на падините на Водно и се узурпира дел планината, ајде да збориме за сечата на шума за изградба на жичницата.  Ајде да прокоментираме за новите планови за „туристички“ локации низ Водно, ајде да си признаеме дека уште малку нема да се искачуваме до врв на Водно, туку до врв на кров на куќа.

Водно не е само  пиење на кафе на Крст, не е само локација за симнување на ѕвезди, не е само причина за постирање на извозена километража на FB и никако не е простор каде неинформирани ПР-глумци ќе си глумат настан. Водно е жива планина, со птици, габи, инсекти и билки. Наместо да се распоредуваат инспектори да лоцираат секс на паркинг, нека се постават набљудувачници за птици, наместо двоглед кон мермер, нека има двоглед кон нив. Наместо политички реклами, табли за биодиверзитетот на Водно, наместо место за докажување, нека биде место за посочување!

Кирил Арсовски